ДИЗЕЛОТ ОСТАНУВА СО НАМАЛЕН ДДВ ДО 20 ОКТОМВРИ Владата внимателно ги следи берзите и ќе реагира доколку има потреба

Даночната стапка и натаму ќе изнесува 10 наместо 18 отсто. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави дека институциите внимателно ги следат движењата на светските берзи и ќе реагираат доколку има потреба.

28

Владата ја продолжува мерката за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизелот од 18 отсто на 10 отсто до 20 октомври 2026 година.

Како што соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот Фејсбук профил, целта на одлуката е ублажување на ценовните притисоци врз домаќинствата и стопанството, како и одржување на економската стабилност.






„Продолжуваме со мерките за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија. Владата ја продолжува мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 отсто  на 10 отсто, до 20 октомври 2026 година. Со оваа мерка влијаеме врз малопродажните цени на горивата и ги ублажуваме надворешните ценовни притисоци, со цел да го намалиме финансискиот товар врз граѓаните и стопанството“, напиша Димитриеска-Кочоска.

Додава дека надлежните институции остануваат фокусирани на движењата на глобалните берзи.

„Продолжуваме внимателно да ги следиме состојбите на меѓународните пазари и навремено да реагираме со мерки што придонесуваат за заштита на животниот стандард и економската стабилност“, истакна министерката за финансии Димитриеска-Кочоска во објавата. 

Поврзани содржини