Политичка асиметрија и два вида ЕУ-членство

Предлогот беше проследен со прашања за различниот третман на новите и старите членки, бидејќи ЕУ несомнено има проблеми со владеењето на правото и меѓу денешните земји-членки. Може ли ЕУ да гарантира исти услови за старите и нови членки кога за нововлезените ќе бидат воведени построги заштитни механизми?

111

„Зошто да не ги користиме поконзистентно алатките што веќе ги имаме за сите земји членки, наместо сега да се обидуваме да добиеме повеќе клаузули за заштита што ќе важат за нови членки?“, рече деновиве Тинеке Стрик, холандска европратеничка од Зелената група во Европскиот парламент. Стрик го постави прашањето во Комитетот за надворешни работи на Парламентот, каде што беше презентиран предлогот на Европската комисија за промените што би требало да се направат за да се забрза процесот на проширување на ЕУ.

Предлогот беше проследен со прашања за различниот третман на новите и старите членки, бидејќи ЕУ несомнено има проблеми со владеењето на правото и меѓу денешните земји-членки. Може ли ЕУ да гарантира исти услови за старите и нови членки кога за нововлезените ќе бидат воведени построги заштитни механизми?






Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, одговарајќи на прашањата на европратениците, негираше дека предлогот создава членови од различни рангови, тврдејќи притоа дека Европската комисија може да гарантира дека старите и новите членки ќе имаат ист статус. „Во спротивно, нашиот систем би се распаднал“, рече Кос, подготвена очигледно да понуди дециден одговор.

Европската комисија верува дека клаузулата е правно издржана бидејќи е временски ограничена и се однесува на земјите во транзиција. Но, во добар дел станува збор, сепак, за настојувања да се надминат недоумиците на сегашните земји-членки. Неколку постари, западни ЕУ-членки се двоумат околу проширувањето со загриженост дека соработката ќе биде парализирана од страна на поавторитарни лидери и влади – во иста насока како и за време на постојаните спорови со поранешниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан.

Европската комисија се надева дека ќе ги ублажи ваквите загрижености со наметнување обврзувачки барања за новите членки дека не смеат да блокираат одлуки од остатокот од ЕУ за време на одреден пробен период. Покрај тоа, земјите мора веднаш да се приклучат на соработката со Европското јавно обвинителство, ЕППО, надлежно за истрага, гонење и изведување пред суд на сторителите на кривични дела кои ги засегаат финансиските интереси на ЕУ.

Бројот на одлуки што мора да се донесат едногласно во ЕУ, исто така, треба да се намали, на пример кога станува збор за воведување санкции или други прашања од надворешната политика. Но, ограничувањето на правото на вето се перцепира како давање поголема моќ на Европската комисија – нешто што е особено непопуларно меѓу владите и пратениците во Европскиот парламент од помалите земји членки.

Многупати е веќе речено дека е разумно ЕУ да сака да се заштити од повторување на проблемите со владеењето на правото, по приемот на нови членки. Но, и критиката е исто така разумна, бидејќи заштитата ризикува да создаде асиметрија помеѓу новите и старите земји-членки. Затоа се смета дека најдоследното решение би било ЕУ истовремено да ги зајакне општите инструменти за владеење на правото, така што ќе важат подеднакво за сите членки.

Всушност, постои еден мошне интересен парадокс во сегашната политика на проширување. ЕУ инсистира членството да биде посигурно уште пред приклучувањето на нови земји, но прашањето е дали вистинското решение треба да биде и поефикасно справувањето на ЕУ со проблемите поврзани со владеењето на правото, откако земјата веќе станала членка.

И токму тука прашањето на холандската европратеничка Стрик прецизно ја погодува слабата точка на предлогот на Брисел. Ако ЕУ има проблем со владеењето на правото, дали е тоа, заправо, проблем со проширувањето, или е проблем на самата ЕУ?

Примерот со Бугарија е секако интересен во овој контекст. Тешко е да се тврди дека Бугарија на најширок план не ги исполнила Копенхашките критериуми во периодот на нејзиното зачленување во 2007 година. Но Брисел во исто време направи и нешто необично: на Бугарија ѝ беше даден посебен механизам за соработка и верификација (ЦВМ) за судството, корупцијата и организираниот криминал. Пред две децении ЕУ идентификуваше значителни недостатоци во пристапниот процес на Софија. Затоа и беше воведен континуиран мониторинг по пристапувањето, кој е укинат дури во 2023 година.

Сликата е сè уште проблематична. Извештајот на Европската комисија за владеење на правото за 2026 година наведува, меѓу другото, дека перципираната независност на судовите во Бугарија е многу ниска. Само 24 проценти од јавноста и 22 проценти од бизнисите ја оцениле независноста на судовите и судиите како прилично или многу добра во 2026 година. Европската комисија, исто така, забележува дека Бугарија не постигнала напредок во реформирањето на Врховниот судски совет и дека претходните проблеми во врска, меѓу другото, со влијанието на Генералниот обвинител и застапеноста на судиите и понатаму се присутни.

Дали тоа покренува прашање за легитимноста на новите предлози и барања што Брисел сега ги актуализира? Ако Бугарија има долгогодишни проблеми со владеењето на правото – и сè уште добива препораки од Европската комисија во оваа област – како треба да се процени улогата на Бугарија кога бара понатамошни реформи од земја-кандидат каква што е Македонија?

Токму затоа аргументот на Тинеке Стрик добива поголема тежина. Проблемот не е нужно дека новите земји-членки се изложени на премногу контролирање, туку прашањето лесно може да добие и дополнителна димензија. Дали старите земји-членки се контролираат доволно ефикасно?

Напоредно на тоа, треба да се истакне дека во анализата на Европскиот парламент е прецизно опишано како ветото на Бугарија во 2022 година доведе до таканаречениот француски компромис, каде што барањата на Бугарија беа вклучени во рамката на ЕУ за пристапување на Македонија. Во извештајот на Парламентот експлицитно се наведува дека ова создаде проблематичен преседан со користење на процесот на пристапување за решавање на билатералните културни и историски конфликти.

Значи, не станува збор само за тоа Бугарија да има право на свој став и мислење. Нејзината позиција, всушност, имаше директни последици врз заедничката политика за проширување на ЕУ. Прашањето, се разбира, може и понатаму да се изострува. Зошто ЕУ има толку силни можности да ѝ наметне услови на Македонија, но толку ограничени можности да осигури дека соседна земја-членка нема да го искористи своето вето за да протурка барања што, без никакво сомнение, се надвор од нормалните Копенхашки критериуми?

Ова е легитимна институционална критика на системот на ЕУ, без оглед на фактот дека Брисел сосема оправдано ја притиска Македонија дека мора да ги исполни барањата на ЕУ за реформи. Во крајна линија, веројатно не би можело да се тврди категорично дека ЕУ има двојни стандарди, како нешто што би било неоспорен факт. Но, би можело, сепак, да се рече дека сегашниот систем на проширување на ЕУ создава структурна асиметрија што би можела да доведе до двојни стандарди, така што земјата-кандидат станува предмет на силна условеност, додека земјата-членка што го користи своето право на вето останува поштедена од соодветна условеност во истиот процес.

Во случајот Бугарија и Македонија, таа асиметрија станува невообичаено јасна. Но, во исто време останува нејасно што би можело да смени инсистирањето на претседателката на Ецвропската комисија, Урсула фон дер Лајен, Македонија да преземе иницијатива за разговори со Софија за деблокирање на пристапните преговори. Може ли исполнувањето на преговарачката рамка да ја смени суштината на проблемот со кој Брисел се соочува, обидувајќи се да најде начин да ја поттурне напред политиката на проширување на ЕУ, која веќе тринаесет години буквално тапка во место.

Поврзани содржини