🎥 „ЌЕ СЕ ПОГРИЖИМЕ ЛУЃЕТО ДА ГО ГЛЕДААТ ЈАВНОТО ПОГУБУВАЊЕ НА ХАСАН“ Хегсет порача дека таквите дела имаат сериозни последици

Министерството за војна на САД одлучи егзекуцијата на поранешниот мајор Нидал Хасан, кој е осуден на смрт за убиства на 13 војници во воената база Форт Худ во Тексас 2009 година, да биде јавна и да се изврши во базата каде што Хасан го изврши масакрот.

4

Министерот за војнна на САД, Пит Хегсет, потврди дека егзекуцијата на поранешниот мајор Нидал Хасан, осуден на смрт за убиства на 13 војници во воената база Форт Худ во 2009 година, ќе биде јавна. Пентагон во понеделникот објави дека Хасан ќе биде погубен со стрелање.

Во интервју со десничарскиот подкастер Џек Пособиец на носачот на авиони УСС Абрахам Линколн, Хегсет рече дека нема сомнение за одлуката. Тој рече дека Хасан, поранешен американски мајор, мора да биде егзекутиран со стрелање затоа што „ја предал својата земја“ и затоа што е „радикален исламист кој убил многу Американци“.






– Хасан ќе биде пречекан од стрелачки вод составен од војници, токму како што треба да биде. Секако дека ќе го направиме тоа во базата Форт Худ. Ќе го направиме тоа на 3 декември во 13 часот, во исто време кога Хасан го започнал нападот – рече Хегсет.

Тоа ќе биде првото погубување со стрелање извршено од американската војска по Втората светска војна.

„Ќе се погрижиме луѓето да можат да гледаат“

– Ми се допаѓа менталитетот на победата од Втората светска војна. Тоа значи дека не се повлекувате кога непријателот ве напаѓа – рече Хегсет.

Министерот за војна додаде дека поранешниот американски претседател Барак Обама го нарекол нападот насилство на работното место, а всушност се работи за напад од радикален ислам.

– Ќе се погрижиме луѓето да можат да го гледаат, да биде јавно, бидејќи треба да разберат дека ваквите дела имаат сериозни последици – рече Хегсет.

Тој не прецизираше како ќе биде објавено погубувањето.

На прашањето дали Хасан имал некакви последни желби или му се обратил на претседателот Доналд Трамп, Хегсет одговори:

– Не ми е гајле. Ќе се видиме на 3 декември.

Погубување на 3 декември

Одлуката за погубување со стрелање ја препорача Хегсет, а ја одобри претседателот Доналд Трамп. Вршителот на должноста секретар на армијата, Адам Теле, го закажа погубувањето за 3 декември во 14 часот по источно време, односно во 13 часот по локално време во Форт Худ.

Хасан беше осуден на смрт во јули 2013 година за 13 обвиненија за убиство од прв степен и 32 обвиненија за обид за убиство. На судењето пред воената порота од 13 офицери тој рече дека ги таргетирал војниците што се подготвувале да се распоредат во Авганистан затоа што биле вклучени во нелегална војна.

На денот на нападот, тој упаднал во медицинскиот центар Форт Худ и почнал да пука кон војниците што чекале лекарски прегледи пред распоредувањето.

Американската војска последен пат егзекутирала осуденик на 13 април 1961 година. Во тоа време, војникот Џон Бенет бил обесен за силување и обид за убиство на 11-годишно девојче. Последната егзекуција со стрелачки вод од страна на американската војска е извршена во 1945 година, пред 81 година.

„Невидена одлука, вакви работи припаѓаат во средниот век“

Џон Милс, адвокат кој ги застапува затворениците осудени на смрт, вели дека одлуката за емитување во живо е без преседан во модерната ера и е на правно несигурна основа. Милс истакнува дека жалбениот процес на Хасан сè уште не е завршен. Тој верува дека Хасан веројатно ќе бара преиспитување на пресудата во федералниот суд, што би можело да го одложи извршувањето.

– Обидот за емитување во живо и егзекуцијата се само одвлекување на вниманието за администрацијата на Трамп. Малку е веројатно дека ќе се случи – додаде Милс.

Јуџин Р. Фидел, гостин-професор на Правниот факултет во Јеил, изјави за Би-Би-Си дека тоа е „навистина несреќна одлука“.

– Емитувањето на егзекуциите во живо е средновековно. Го надминавме како општество или барем така мислев до денес – рече Фидел.

Никогаш немало пренос во живо од егзекуција 

Некои држави во САД бараат некаков вид јавно гледање на егзекуциите, како што се новинари или роднини на осудените и на жртвите, досега никогаш немало пренос во живо, вели Дебора Дено, професорка по право на Универзитетот Фордам.

Таа верува дека преносот во живо би наметнал ниво на транспарентност што сè уште не е видено во Соединетите Американски Држави.

– Повеќе од половина од земјата ја поддржува смртната казна, иако тој број се намалува. Може да се каже: „Ако сакате смртна казна, ќе ви покажеме како се прави“. Луѓето би морале да се соочат со она што навистина се случува, што многумина го игнорираат – рече Дено.

Таа истакна дека постојат важни прашања околу емитувањето, како што се ограничувањата за возраста и правилата на платформите што ќе го емитуваат.

Не е јасно каде ќе биде достапно емитувањето. Повеќето главни платформи на социјалните медиуми, вклучувајќи ги Мета, Јутјуб, ТикТок и Икс, забрануваат или ограничуваат експлицитна содржина. Мета, која е сопственик на Инстаграм и Фејсбук, конкретно забранува пренос во живо на смртната казна. ТикТок не дозволува вознемирувачка содржина што би можела да предизвика емоционална вознемиреност кај гледачите. Правилата на Икс наведуваат дека содржината што го прикажува моментот на нечија смрт ќе биде отстранета доколку тоа го побара семејството. Социјалната мрежа Трут соушл, која е во сопственост на Трамп, нема опција за пренос во живо.

Поврзани содржини