МАКЕДОНИЈА ДОЗВОЛИ БУГАРСКИ ЛЕКАРИ ДА ЈА ПРЕГЛЕДААТ ИВА МИХАЈЛОВА За Муцунски тоа е гест на добра волја од кој може да почне да се гради доверба
Македонија предложи претставници на здравствените власти од вашата земја – медицински специјалисти кои ги имаат потребните знаења за конкретното прашање – да ја посетат нашата земја и со добра волја да се уверат дека на обвинетото лице му се обезбедува соодветен медицински третман - рече Муцунски.
Македонија е подготвена да дозволи бугарски медицински специјалисти да се запознаат со здравствената состојба и лекувањето на Ива Михајлова, потврди министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, нагласувајќи дека извршната власт не може да се меша во судската постапка против неа.
– Таму станува збор за хуманитарен случај и тоа е важно да се забележи. Ние активно го поставивме прашањето за потребата случајот да биде решен што е можно поскоро, со цел да се гарантира здравјето на Ива. Во тој контекст, добиената информација по дипломатски пат од Република Северна Македонија за подготвеноста да се спроведе медицински конзилиум, во кој би биле вклучени и бугарски лекари, е важен чекор. Се надевам дека тоа ќе може да се реализира многу скоро – рече бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова на прес конференција по завршувањето на Меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8 денеска во Софија.
– Кога станува збор за случајот со Ива Михајлова, има два аспекти кои треба да ги разграничиме. Првиот е поврзан со судската постапка по покренатото обвинение. Сакам да нагласам дека како земја-кандидат за членство во Европската Унија, кога имате систем заснован на владеење на правото и воспоставен систем на добро управување, не е улога на извршната власт да се меша во одлуките што ги носат судските органи. Тука мислам на обвинителството и судскиот систем во нашата земја. Одлуката е донесена од судскиот систем и само во рамките на судскиот систем може да се направи што било поврзано со законитоста на притворот, додека судската постапка продолжува. Вториот елемент, за кој прашувате, е поврзан со здравствената состојба на обвинетото лице – Ива Михајлова. Нашиот здравствен систем обезбедува соодветна и современа здравствена заштита за секој граѓанин. Бидејќи на претходните билатерални средби ова прашање беше поставено од претставници на бугарската влада пред претставници на македонската влада, Република Северна Македонија предложи претставници на здравствените власти од вашата земја – медицински специјалисти кои ги имаат потребните знаења за конкретното прашање – да ја посетат нашата земја и со добра волја да се уверат дека на обвинетото лице му се обезбедува соодветен медицински третман – рече Муцунски.
Според него, тоа е гест на добра волја.
– Ние го гледаме ова како гест на добра волја. Тоа не е наша обврска, но морам да зборувам многу отворено и директно. Поради недостигот на доверба што постои меѓу владите, мора од некаде да почнеме да градиме доверба. Затоа не можам да ја коментирам судската постапка. Како што реков, мора да дозволиме системот на владеење на правото да функционира, но немаме ништо против да им покажеме на медицинските претставници од Бугарија дека на обвинетото лице му е обезбедено соодветно медицинско лекување – додаде Муцунски.
Михајлова има двојно државјанство. Таа се суди во Македонија за сообраќајка со смртни последици.