ВТОРИОТ РЕБАЛАНС Е НАВРЕМЕНА РЕАКЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ Димитриеска-Кочоска убедува дека нема да има кратење кај клучните инвестиции, а дефицитот останува ист

Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари. 

43

Вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на Буџетот, туку е одговор на променетите економски услови со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

– Вториот ребаланс е навремена реакција на новите економски услови, но и потврда дека јавните финансии ги управуваме одговорно и со јасни приоритети. Обезбедуваме стабилен Буџет, редовно финансирање на сите обврски и заштита на граѓаните. Правиме корекции таму каде што се неопходни, штедиме таму каде што можеме, но продолжуваме да инвестираме таму каде што е најважно за идниот економски раст – рече Димитриеска-Кочоска на прес-конференција во Владата.






Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.

–  Кога во јули го подготвувавме првиот ребаланс, проценките беа дека состојбата на меѓународните пазари постепено ќе се стабилизира. Во меѓувреме, за жал, се случи спротивното. Геополитичката криза се продлабочи, цените на енергенсите продолжија да растат, а Владата реагираше со конкретни мерки за да го ублажи ударот врз граѓаните и економијата. Потврда дека мерките се навремени и добро одмерени е тоа што инфлацијата е стабилизирана (намалена) што значи дека нема прелевање на високите цени на нафтата врз останатите производи и услуги – рече Димитриеска-Кочоска.

Како што потенцира, намалувањето на акцизите на горивата и намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10% имаат единствена, јасна цел – да се заштити животниот стандард на граѓаните и да им се помогне на компаниите полесно да се справат со ценовниот шок.

– Но, овие мерки имаат директен ефект и врз буџетските приходи. Токму затоа со вториот ребаланс ги усогласуваме приходите и расходите со реалните економски текови и обезбедуваме стабилно функционирање на Буџетот до крајот на годината. Сакам јасно да нагласам: вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на Буџетот. Тој е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина – подвлече министерката.

Осврнувајќи се на клучните параметри, информира дека вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции.

– Кај даночните приходи, со ребалансот е направена умерена корекција, од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно намалување од 1,6 проценти. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Причината е намалувањето на акцизите на бензините и дизелот, мерка со која директно го ублажуваме влијанието од растот на цените на нафтените деривати врз граѓаните и компаниите. Тоа значи помал приход за Буџетот, но истовремено и директна поддршка за граѓаните и економијата- рече министерката.

Според неа, кај неданочните приходи и донациите, со измените и дополнувањата на Буџетот се предвидува намалување за околу 2 милијарди денари. Намалувањето е целосно кај сопствените сметки на буџетските корисници, пред сè како резултат на пролонгираното спроведување на проекти од самофинансирачки активности, при што постојат расположливи ликвидни средства.

Кај останатите даночни приходи – данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ-то и царинските приходи, очекувањата остануваат стабилни и во рамки на планираните износи.

– На расходната страна, пристапуваме одговорно и дисциплинирано. Вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари, што е намалување за 5,3 милијарди денари во однос на претходните проекции.  Ги намалуваме расходите таму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но, не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливите категории и здравствените услуги. Кај капиталните расходи правиме корекција од околу 5,7 милијарди денари, пред сè поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти- нагласи Димитриеска-Кочоска.

Тоа не значи, додаде, откажување од капиталните инвестиции.

– Продолжуваме со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура- потенцира министерката.

Според неа  е особено важно тоа што продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво, како дел од политиката за рамномерен регионален развој.

–  И покрај сите предизвици, една работа останува непроменета – буџетскиот дефицит. Со вториот ребаланс, дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари, односно 4% процент од БДП. Во исто време, државата во 2026 година треба да сервисира обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари, од кои 55,1 милијарда денари се отплата на надворешниот, а 19,9 милијарди денари на домашниот долг и 1,6 милјарди денари одлив по даден заем кон Развојна банка. Дополнително се сервисираат обврски и по основ на издадени едногодишни државни хартии од вредност во износ од околу една милијарда евра. Овие обврски се предвидени во Буџетот и нивното редовно сервисирање е обезбедено преку планираното домашно и странско задолжување. Не дозволуваме променетите услови и мерките за заштита на граѓаните да доведат до неконтролирано зголемување на дефицитот. Напротив, со оптимизација на расходите го задржуваме утврдениот фискален таргет – децидна е Димитриеска-Кочоска.

Поврзани содржини