ПОЛИЦИЈАТА ГИ ЛОВИ ВОЗАЧИТЕ СО ТЕЛЕФОН ВО РАЦЕ Оставете го мобилниот, фоксуирајте се на патот, велат од МВР
Од 5 до 11 октомври МВР спроведува засилени сообраќајни контроли за непрописно користење мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди.
Од 5 до 11 октомври во Македонија се спроведуваат засилени сообраќајни контроли за непрописно користење мобилни телефони, слушалки и други електронски уреди при учество во сообраќајот.
Контролите се дел од меѓународната кампања на „ROADPOL“ – „Focus on the Road“, која истовремено се реализира во 34 европски држави, со цел да се намалат ризиците предизвикани од одвлеченото внимание и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Од Министерството за внатрешни работи предупредуваат дека користењето телефон додека се управува возило значително го одвлекува вниманието од патот.
„Пишувањето пораки, телефонските разговори, проверувањето известувања или користењето социјални мрежи додека управуваме возило го одвлекуваат вниманието од патот. Доволни се само неколку секунди невнимание за возачот да пропушти навреме да забележи опасност и да реагира“, се наведува во апелот на МВР.
Полицијата ги повикува сите учесници во сообраќајот да бидат одговорни и целосно фокусирани на патот.
„Не дозволувајте еден поглед кон екранот да биде причина за сообраќајна трагедија. Возете внимателно – гледајте го патот. Телефонот оставете го за подоцна“, апелира Министерството за внатрешни работи.