НЕКОИ БОЛЕДУВАЊА ЌЕ СЕ ОТВАРААТ БЕЗ ЛАБОРАТОРИСКИ ИСПИТУВАЊА Управниот одбор на ФЗОМ го усвои новиот правилник

Со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога за тоа постои медицинска потреба. Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, велат од Фондот за здравствено осигурување.

0

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување денеска ги усвои измените на правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување привремена спреченост за работа.

Со измените, велат од ФЗОМ, не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење кога за тоа постои медицинска потреба. Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, а за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот.






„Промената од 7 на 5 дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден. Станува збор за периодот по кој, доколку здравствената состојба бара продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза. Клучната граница од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета“, појаснуваат од ФЗОМ.

Со измените се воведуваат повеќе конкретни олеснувања за осигурениците и за матичните лекари со цел да се намалат непотребните административни постапки и движењето на пациентите во здравствениот систем.

Меѓу поважните олеснувања се:

· за дел од дијагнозите нема да биде потребно пациентот да се упатува на лабораториски испитувања, туку процената ќе може да ја направи матичниот лекар;

· за дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите;

· по 15-тиот ден, предлогот за привремена спреченост за работа – ПСР, матичниот лекар ќе го доставува електронски наместо преку досегашната рачна постапка;

· се прошируваат случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица на болничко лекување, како и во други оправдани случаи;

· кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди доколку се во предвидениот период на важност, без непотребно повторување на истите испитувања;

· се прецизираат условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, меѓу кои по завршено болничко лекување;

· за бремени жени и доилки се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај;

· кај определени тешки заболувања се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење кај боледувањата подолги од 60 дена.

„Новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел потекнуваат од 2012 година“, велат од ФЗОМ.

Поврзани содржини