БИЛ ВО ВРСКА СО КОЛЕШКАТА ОД „ОСНОВЕН ИНСТИНКТ“, АМА НЕ СО ШЕРОН СТОУН Мајкл Даглас во мемоарите ги открива аферите, зависностите, односот со татко му…

Мајкл Даглас во новите мемоари „One Helluva Ride“ открива дека додека се снимал „Basic Instinct“ имал тајна врска со актерката Жан Триплхорн, а не со Шерон Стоун, како што со години се шпекулираше. Во книгата, 82-годишниот актер отворено пишува и за други жени со кои бил во врска, за зависностите, односот со татко му Кирк Даглас и најтешките моменти од кариерата.

4

На снимањето на „Basic Instinct“ во 1991 година, вниманието на јавноста беше насочено кон хемијата меѓу Мајкл Даглас и Шерон Стоун, која ја играше Кетрин Трамел. Но, во неговите мемоари „One Helluva Ride“, Даглас открива дека бил во врска со Жан Триплхорн, која во филмот ја играше д-р Бет Гарнер, психијатарка и терапевтка на неговиот лик.

– Тие беа толку фокусирани на можна врска меѓу Шерон и мене, што ја пропуштија вистинската врска меѓу мене и Жан – пишува тој во книгата.






Актерот во мемоарите признава и дека бил сериозно занесен од Триплхорн и дури размислувал да ја напушти сопругата Диандра Лукер. Сепак, сфатил дека не е мудро веднаш да влегува во нова сериозна врска. Нивната романса завршила по снимањето.

Но, најголемото изненадување од мемоарите е признанието дека Даглас имал афера и со Кетлин Тарнер. Двајцата се зближиле во 1984 година, додека во Мексико го снимале „Romancing the Stone“. Во тоа време Даглас бил разделен од Диандра, но сè уште бил во брак со неа. Тој и Тарнер цели четири децении негираа дека имале романса.

Даглас вели дека пред да ја објави приказната во мемоарите побарал дозвола од Тарнер и од другите жени кои ги споменува во книгата. Тарнер, пак, деновиве реагираше прилично опуштено на откритието, велејќи дека не разбира зошто се крева толкава врева околу нешто што се случило пред 40 години и дека го сака Даглас и со задоволство ќе ја прочита книгата.

Мемоарите откриваат и дека Даглас пред Тарнер бил во врска со сценаристката Дајан Томас, која била келнерка пред да го напише сценариото за „Romancing the Stone“. Нејзиниот живот трагично завршил во сообраќајна несреќа со порше што ѝ го подарил Даглас.

Посебно интересен е и делот за неговиот татко, легендарниот Кирк Даглас. Мајкл пишува за тешкото растење во сенката на татко му и за неговиот темперамент. Но, најтешкиот момент дошол кога Мајкл како продуцент на „One Flew Over the Cuckoo’s Nest“ морал да му каже на Кирк дека нема да ја добие главната улога. Наместо него, улогата на Мекмарфи му припаднала на Џек Николсон, кој подоцна добил Оскар. Даглас денес вели дека тоа било најтешкото нешто што некогаш морал да го направи.

Во книгата актерот не ги прескокнува ниту своите пороци. Пишува за кокаинот, алкохолот и периодот кога работата и жените му станале начин да се справува со забрзаниот живот во Холивуд. Лос Анџелес тајмс објави дека во мемоарите Даглас раскажува и за тоа како на снимањето на „Romancing the Stone“ во Мексико користел кокаин со О. Џеј Симпсон.

Даглас деновиве воедно демантираше една стара гласина – дека во 1990-тите бил на рехабилитација поради зависност од секс. Тој потврди дека одел на рехабилитација, но поради проблеми со алкохолот, а не поради сексуална зависност. Актерот вели и дека не смета оти бил со „толку многу жени“ како што со години се пишувало.

Интересна е и приказната за почетокот на неговиот брак со Кетрин Зета-Џонс. Кога двајцата решиле да ја официјализираат врската, Даглас отишол во друга соба за да им се јави на пет жени со кои дотогаш бил во врска и да ги извести дека е готово. Во мемоарите пишува дека од моментот кога ја запознал Кетрин и со неа создал семејство, станал „нов човек“.

Мемоарите „One Helluva Ride“ излегуваат денес, 6 октомври, а Даглас во интервјуата по повод книгата вели дека сакал да ја раскаже својата приказна отворено – од растењето покрај славниот татко и создавањето на кариерата, до љубовните врски, зависностите, семејните проблеми и борбата со ракот.

Поврзани содржини