УНГАРИЈА ЌЕ ГИ ОБЈАВИ ИМИЊАТА НА 60.000 ИНФОРМАТОРИ И СОРАБОТНИЦИ Се отвараат архивите на комунистичкиот режим
Овој потег, темпиран да се совпадне со 70-годишнината од антисоветското востание од 1956 година, е исполнување на предизборно ветување на премиерот Петер Маѓар. Целта е евиденцијата што се чува во подрумските архиви во Будимпешта да стане јавно достапна и на тој начин да им се овозможи на Унгарците да се соочат со своето тоталитарно минато.
Унгарија наскоро ќе отвори јавна онлајн база на податоци со десетици илјади полициски досиеја од комунистичката ера, со што граѓаните за прв пат слободно ќе можат да ги пребаруваат списоците на информаторите и на соработниците на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот.
Овој потег, темпиран да се совпадне со 70-годишнината од антисоветското востание од 1956 година, е исполнување на предизборно ветување на премиерот Петер Маѓар. Целта е евиденцијата што се чува во подрумските архиви во Будимпешта да стане јавно достапна и на тој начин да им се овозможи на Унгарците да се соочат со своето тоталитарно минато.
Иако комунизмот падна во 1989 година, Унгарија долго време го одложуваше отворањето на архивите поради недостаток на политичка волја од претходните влади. Досега, само индивидуални граѓани и истражувачи можеа да побараат пристап до своите досиеја или досиејата на нивните најблиски членови на семејството.
Онлајн базата на податоци наскоро ќе биде отворена за пребарување од сите.

За време на Студената војна, тајните полиции во Источна Европа, како што беше источногерманската Штази, се потпираа на широка мрежа од цивилни соработници, честопати регрутирани преку уцени, закани или со награди.
Помеѓу 1956 и 1989 година, околу 55.000 тајни соработници биле активни во Унгарија. Тие ги следеле пријателите, семејството и колегите, а нивните извештаи честопати воделе до апсења и испрашувања. Состаноците меѓу агентите и соработниците се одржувале во таканаречени тајни станови во центарот на Будимпешта.
Евиденцијата на поранешните служби ја управува Историскиот архив на Унгарската државна безбедност (ABTL), а досиејата содржат имиња на помеѓу 50.000 и 60.000 соработници.
Директорот на архивите, Бендегуз Герго Чех, ја поздрави одлуката за објавување, која се базира на закон донесен од парламентот во септември. Тој го нарече „историски чекор“ и рече дека Унгарија отишла подалеку од другите земји од поранешниот Источен блок.
Полска ги отвори своите архиви порано, но не дозволува целосно отворено пребарување, какво што воведува Унгарија. Германија, исто така, го ограничи пристапот до досиејата на Штази според закон од 1991 година, а Чешка не ги дигитализирала сите документи и не ги направи достапни онлајн.
Унгарскиот закон наведува дека разбирањето на минатото и транспарентноста на институциите се клучни предуслови за демократска држава. Објавувањето на четирите вида досиеја ќе се одвива во две фази, од кои првата ќе почне на 4 ноември. На тој датум во 1956 година, советските тенкови влегоа во Будимпешта и го задушија продемократското востание што почнаа на 23 октомври.
Некои детали во документите ќе бидат заштитени. Ова се однесува на чувствителни лични податоци како што се здравствени информации, податоци за зависности или сексуална ориентација.
– Како архивар и историчар, мислам дека е несоодветно да се суди врз основа на овие информации. Сепак, верувам дека тоа може да ни даде увид во човечките судбини и да ни овозможи подлабоко да се справиме со минатото, не само на лично ниво, туку и како општество – изјави директорот на архивите Чех.