🎥 КРИСТА ПАЈК СТРАВУВАЛА ДЕКА СМРТОНОСНИТЕ ИНЈЕКЦИИ НЕМА ДА ЈА УБИЈАТ Барала стрелачки вод, сега адвокатите бараат доживотен затвор

Во аудиоснимка и интервју објавени во пресрет на егзекуцијата, осуденичката Криста Пајк зборува за својот страв дека медицинскиот тим нема да успее правилно да постави интравенска линија и дека не сака да поминува низ тоа.

129

Американката Криста Пајк остана жива по два обиди за нејзино погубување со смртоносна инјекција на 30 септември во Тенеси, а еден ден подоцна нејзините адвокати соопштија дека 50-годишната осуденичка се наоѓа во критична состојба и интензивна нега за спасување на животот во болница во Нешвил.

– Криста е жива во моментов. Немаме информации за нејзината прогноза или некои поголеми новости за нејзината здравствена состојба. Таа издржа повеќе страдања од која било друга личност во историјата на американската смртна казна – изјави нејзиниот адвокат Ренди Спиви.






Дали дозата завршила во ткивото наместо во крвотокот?

Тој побара гувернерот на Тенеси, Бил Ли, да ја преиначи смртната казна во доживотен затвор.

Она што дополнително го прави случајот необичен е фактот што не станува збор само за неуспешно поставување на венска линија. Според адвокатите, на Пајк ѝ биле дадени две дози пентобарбитал, но ниту првата ниту резервната доза не ја усмртиле. Адвокатот Спиви изјави дека забележал најмалку 7 обиди со игли на нејзината лева рака, а една од иглите изгледала свиткана кога била извадена. По инјекциите, нејзината рака наводно станала виолетова и се појавиле плускавци. Одбраната се сомнева дека дел од лекот можеби завршил во ткивото наместо во крвотокот, но сè уште нема официјален заклучок што точно тргнало наопаку.

Фото: Принтскрин

 

Сведоците опишуваат сцена која траела повеќе од еден час. Новинарката Кетрин Свини од WPLN изјави дека по двата круга Пајк сè уште дишела, а во еден момент ја кренала главата и гледала околу себе.

– На едно место ја печеше и ја болеше раката и праша дали тоа е нормално. Ништо од ова не беше нормално – раскажа Свини.

Друга новинарка, Тори Геснер од WKRN, изјави дека Пајк по инјекцијата била „сè уште будна и гласно ‘рчела“, а сведоците продолжиле да го слушаат нејзиното дишење и откако завесата била спуштена.

Се плашела дека нема да ѝ ја погодат вената, барала стрелачки вод

Особено вознемирувачки е што Пајк претходно стравувала токму од ваков развој. Во аудиоснимка и интервју објавени во пресрет на егзекуцијата, таа зборува за својот страв дека медицинскиот тим нема да успее правилно да постави интравенска линија и дека не сака да поминува низ тоа.

– Единственото место од кое можат да ми земат крв е на рацете со многу мала игла – рекла Пајк, објаснувајќи дека протоколот не дозволува венски пристап на тој начин.

Таа директно го поврзала својот страв со неуспешниот обид за егзекуција на Тони Карутерс во мај, кога медицинскиот тим исто така не успеал да обезбеди соодветен венски пристап. Неколку недели подоцна, нејзиниот адвокат Стив Ферел рече дека „била многу загрижена дека егзекуцијата ќе заврши токму вака“.

Пајк и нејзините адвокати не сакале таа да биде погубена со смртоносна инјекција. Тие барале алтернативен метод, вклучително и стрелачки вод или бесење, а Пајк конкретно побарала да биде погубена од женски стрелачки вод.

Одбраната тврдеше дека нејзината тромбоцитоза, малите вени и тешкотиите со земањето крв создаваат дополнителен ризик при интравенската процедура. Судот сепак дозволи егзекуцијата да се изврши, откако американскиот Врховен суд ја укина последната судска блокада неколку часа пред извршувањето.

Гувернерот Ли по неуспешната егзекуција ги суспендираше сите други погубувања во Тенеси до крајот на 2026 година и нареди независна истрага. Тој го опиша случајот како „трагедија“ и „длабоко вознемирувачки“. Ова е особено значајно затоа што Тенеси веќе имаше сериозен проблем со извршувањето на смртната казна во мај, кога егзекуцијата на Тони Карутерс беше прекината по повеќекратни неуспешни обиди за поставување венска линија.

Претходна независна проверка, спроведена по друг проблем во Тенеси во 2022 година, утврди дека државата не ги следела сопствените правила за подготовка и за тестирање на лековите за егзекуција.

Последните зборови на Пајк

Новинарите кои го следеа погубувањето изјавија дека во 19:26 часот затворските службеници ги кренале завесите од комората за погубување во затворот Ривербенд во Нешвил. Пајк лежела врзана за кревет, со инфузија во десната рака, а нејзиниот свештеник стоел покрај неа.

Управникот Кенет Нелсен ја прашал затвореничката дали има последни зборови пред да ја даде смртоносната инјекција.

– Ќе го напуштам овој свет онака како што го поминав поголемиот дел од мојот живот, што е со љубов. Ги сакам луѓето што ми се лути, исто колку што ги сакам луѓето што се на мојата страна. Смирена сум и подготвена сум да си одам, да бидам слободна. Ова е среќен ден – рекла Пајк.

Сведоците не го виделе точниот момент кога првата доза пентобарбитал почна да влегува во телото на затвореничката, но, наскоро станало јасно дека нејзиното тело реагира на супстанцата.

Бруталното убиство на Колин Слемер

Пајк е осудена на смрт на 18-годишна возраст за убиството на 19-годишната Колин Слемер во 1995 година. Таа и нејзиниот тогашен 17-годишен партнер Тадарил Шип ја намамиле Слемер во Ноксвил, во шумска област, каде што била брутално нападната, сечена и удирана. Пајк ја убила удирајќи ја со големо парче асфалт во главата. Шип ѝ вреал пентаграм на градите, а Пајк ѝ исекла парче од скалпот за трофеј, со кој подоцна се фалела.

Пајк не го негирала своето учество во убиството. Нејзината одбрана со години тврдеше дека при изрекувањето на смртната казна поротата не добила целосна слика за нејзиното детство, вклучително и наводите за сексуално и физичко насилство, како и за нејзината психичка состојба. Доколку егзекуцијата беше успешна, Пајк ќе беше првата жена погубена во Тенеси по повеќе од 200 години.

Што ако Пајк преживее?

Сега останува и големото правно прашање: што понатаму ако Пајк преживее? Нејзините адвокати веќе бараат смртната казна да биде преиначена во доживотен затвор, но тоа не се случува автоматски само затоа што егзекуцијата не успеала.

Правните експерти укажуваат дека случајот е без преседан во модерната американска пракса: според Центарот за информации за смртната казна, Пајк е првиот познат американски осуденик кој останал жив откако лековите за егзекуција навистина биле внесени во телото.

Истрагата треба да утврди дали проблемот бил во венската линија, начинот на внесување на лекот, во самиот лек или комбинација од фактори, но засега најважниот факт останува дека Криста Пајк е жива по извршувањето на смртната казна со две смртоносни инјекции, настан без преседан во американската историја на погубувања.

КАКО КРИСТА ЈА ПРЕЖИВЕА ЕГЗЕКУЦИЈАТА И ШТО ПОТОА? Осудената за убиство е на апарати за одржување во живот во болница во Тенеси

Поврзани содржини