ПЧЕНИЦАТА И ШЕЌЕРОТ ПОСКАПИ ЗА ПОВЕЌЕ ОД 6% ВО СВЕТОТ Ако кризата потрае цехот ќе го плаќаат граѓаните

Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на кошничка со глобално тргувани прехранбени производи, во просек изнесуваше 136,0 поени во септември 2026 година, што е зголемување од 1,5% во однос на август и 5,8% во однос на пред една година.

63

Нов месечен раст на глобалните цени на пченицата, шеќерот и маслото за јадење во септември, регистрира новиот извештај на  Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Главни причини за новото поскапување на храната, според ФАО се поради нарушувањата во транспортот и временските услови што ја ограничија достапноста, како и поради повисоките цени за групите производи базирани на култури.






Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени на кошничка со глобално тргувани прехранбени производи, во просек изнесуваше 136,0 поени во септември 2026 година, што е зголемување од 1,5% во однос на август и 5,8% во однос на пред една година.

-Сведоци сме на постојано и сè пошироко зголемување на глобалните цени на производите, бидејќи нарушувањата во Ормутскиот теснец и Црното Море се комбинираат со климатските шокови, вршејќи притисок врз енергијата, транспортот и клучните прехранбени производи“, рече главниот економист на ФАО, Максимо Тореро.

Според него, ако потраат овие нарушувања можно е берзанските цени да се прошират и на цените на храната за широка потрошувачка.

– Доколку се одржат, овие притисоци наскоро ќе се пренесат на цените на храната за широка потрошувачка, особено во земјите зависни од увоз на храна и енергија -вели Тореро.

Светските цени на пченицата се зголемија за 6,3%, поради логистичките ограничувања во регионот на Црното Море и сувото време во делови од Северна Америка пред сеидбата, додека глобалните цени на пченката се зголемија за 5,6% од претходниот месец поради загриженоста за приносите во САД, намалената достапност на извоз во Бразил и прекините во трговијата на Црното Море. Тековната неизвесност околу превозот низ Ормускиот Проток обезбеди дополнителна поддршка на цените на суровините за биогорива, како што е пченката.

Оризот поскапи за 1,4%, а цената на растителните масла се зголеми за 0,9 % во однос на август, одразувајќи го растот на светските цени на палминото масло, поттикнат од силната глобална побарувачка за увоз и загриженоста за влијанието на сувото време врз изгледите за производство во Југоисточна Азија.

Висок раст на цената од 6,1% има и кај шеќерот, што според ФАО е поттикнато од очекувањата за намалени глобални залихи на шеќер во сезоната 2026/27.

-Меѓу факторите што придонесоа за ова се очекуваното помало производство на шеќер во Тајланд, загриженоста за изгледите за родот во Индија поради врнежите под просекот и засилувањето на феноменот „Ел Нињо“, обилните врнежи во централно-јужниот регион за одгледување во Бразил, како и намалувањето на површините засадени со шеќерна репка во Европската Унија- велат од ФАО.

Мало намалување на цените има кај цената на месото од 1,1% во септември и е резултат на големите залихи на свинското и на пилешкото месо.

-Извозните цени на говедското месо од Бразил пораснаа, поддржани од зголемената побарувачка за увоз од страна на САД, додека цените на овчото месо останаа главно стабилни – велат од ФАО.

Во септември се намалиле и цените на млечните производи за 0,1%, главно поради падот на цените на сирењето.

ФАО во својот глобален извештај предвидува пад на глобалното производство и трговија со житарици годинава од 2,1%. ФАО исто така предвидува дека светската трговија со житарици да се намали за 3,5% во однос на рекордното ниво од сезоната 2025/26, достигнувајќи 505,8 милиони тони.

Поврзани содржини