ФИЛИПЧЕ ИСТУРА БЕС, СЕ СЛУЖИ СО ПРИМИТИВЕН РЕЧНИК И ПОДМОЛЕН Е Платформата 12.05 вели дека тој сѐ повеќе личи на Никола Груевски
Венко Филипче низ уште еден пример го покажа својот авторитарен карактер - тој е дефинитивно залутан во СДСМ и воопшто не припаѓа на партијата која некогаш беше пример за демократска, интелектуална и државничка организација – се вели во реакцијата на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“.
Венко Филипче сѐ повеќе личи на неговиот поранешен работодавец Никола Груевски. Сиот личен бес го истура врз оние кои мислат поинаку од него. Користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ – се вели во писмената реакција на организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ на денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче на која тој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „комплетен идиот“.
„Да го трошеше истото време за вистинска борба против Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, партијата и членството немаше да биде во ваква незавидна состојба. Меѓутоа, нам ни се јасни причините за ваквото негово поведение, тој е во паника дека се одмотува клопчето, излегува на виделина највалканиот политички дил од независноста до денес.
Членството на СДСМ после денешната прес конференција на Венко Филипче низ уште еден пример може да се увери во неговиот авторитарен карактер. Тој е дефинитивно залутан во СДСМ и воопшто не припаѓа на партијата која некогаш беше пример за демократска, интелектуална и државничка организација. Партијата која во минатото беше симбол за пристојност, разумност и политичка чест ја сведоа на инструмент на мала секта чија единствена цел е по секоја цена да се вдомат во пратеничките клупи. Предлозите за структурни реформи на партијата Филипче ги одбива на невидено. За него сите се виновни за најслабиот резултат на СДСМ во историјата, само тој не е. За него сите се криминалци само тој е чесен. Апсурд до апсурд!
Очекуваме од Венко Филипче, пред било кој друг да обвинува за криминал и корупција, да објасни како обвинителот, кој тој лично обвини дека е предложен и избран од власта, токму него го ослободи од обвинение, како поранешен министер за здравство, за пожар во модуларна болница каде изгореа 14 луѓе?
Што се однесува до неговите закани, добронамерно му порачуваме да не се срами на јавна сцена, бидејќи се повеќе личи на лоша копија на неговиот политички гуру и идол.
Без разлика на неговите напори по секоја цена да нѐ спречи, ние сепак во архивата на СДСМ ќе ги доставиме нашите предлози за структурни реформи на партија, во интерес на членството и иднината на Македонија – се вели во писмената реакција на организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.