ЗОШТО НИ СЕ СПИЕ ПОСЛЕ ЈАДЕЊЕ? Колку е потежок и покалоричен оброкот, толку сме повеќе поспани
Поспаноста по оброк е многу честа појава, особено по голем и калоричен ручек, но причината не е едноставно тоа што крвта се слева од мозокот кон желудникот. Улога имаат повеќе процеси што се случуваат во организмот по јадењето.
На многумина им се случило: ќе изедат добар ручек и само неколку минути или час подоцна почнуваат да зеваат и едвај ги држат очите отворени. Оваа појава има и медицинско име – постпрандијална поспаност, односно поспаност по јадење. Таа е особено изразена по големи оброци и често се совпаѓа со природниот попладневен пад на будноста.
Една од причините е самиот состав на оброкот. Оброците богати со масти и јаглехидрати почесто се поврзуваат со чувство на замор и поспаност. Големите количини рафинирани јаглехидрати и шеќери можат брзо да го зголемат нивото на гликоза во крвта, по што кај некои луѓе следува чувство на пад на енергијата.
Но, не е точно популарното објаснување дека после јадењето „целата крв оди во желудникот“, па мозокот останува без доволно крв и затоа ни се спие. Истражувањата покажуваат дека поспаноста по оброк е посложена и вклучува промени во хормоните и сигналите меѓу дигестивниот систем и мозокот, како и природниот ритам на будност и спиење.