ЗАГРЕБ ОСТАНА БЕЗ ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ, А НЕМА И КОЈ ДА ГО ЧИСТИ Штрајкуваат вработените во јавниот превоз и комуналците
Главното барање на синдикатот е зголемување на основната плата и воведување индексација на платите, односно нивно прилагодување кон зголемувањето на трошоците за живот.
Загреб остана без редовен трамвајски и автобуски превоз утрово откако работниците на ЗЕТ и Загрепскиот холдинг започнаа штрајк во 3.30 часот. Во неговата позадина се неколкумесечни неуспешни преговори за нови колективни договори, првенствено за зголемување на платите и други материјални права. Синдикатите тврдат дека ги исцрпиле можностите за договор, додека градската власт смета дека нивните барања се превисоки со оглед на досегашниот раст на приходите, пишува Indeks. hr .
Штрајкот беше најавен на 18 септември, по неуспехот на колективните преговори и постапката за помирување. Во него се вклучени вработени во ЗЕТ и Загрепскиот холдинг, меѓу кои и вработени во Чистота, Зрињевац, Загрепските патишта, Градските гробишта и други подружници. Синдикалните претставници наведуваат дека станува збор за околу 9.200 работници, а сè уште не е познато колку долго ќе трае штрајкот.
Главното барање на синдикатот е зголемување на основната плата. Таа моментално изнесува 592,20 евра и се множи со коефициентот на работното место, а евентуалните додатоци се додаваат на платата пресметана на овој начин.
На почетокот на преговорите, синдикатите побараа зголемување на основицата за 19%. За време на преговорите, тие ги намалија своите барања, па пред штрајкот побараа зголемување од 13% кај ZET и 12% кај Zagreb Holding.
Покрај зголемувањето на основицата, барањата вклучуваа промени на одредени коефициенти, додатоци, надоместоци за превоз и други материјални права. Тие исто така сакаат колективни договори што би важеле две или три години, наместо сегашните едногодишни договори, за вработените да имаат поголема сигурност во однос на нивните приходи.
Едно од барањата беше воведување индексација на платите, односно нивно прилагодување кон зголемувањето на трошоците за живот.
Хрватските медиуми информираат дека граѓаните се снаоѓаат кој како знае за да стигнат на работните места. Утрово според некои медиуми се земени сите велосипеди во градот, а дел од граѓаните на посебна страница на интернет нудат превоз до работните места.