„БЕЗБЕДЕН ГРАД“ СТАРТУВА ВО ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ОД 12 ОКТОМВРИ Камерите ќе ги опфатат Охрид, Струга, Кичево и Дебар

Командниот центар во СВР Охрид е во завршна фаза, а преостанатите подготовки треба да завршат во следните две недели. Тошковски најави и проширување на активностите на ФРОНТЕКС кон западната граница од почетокот на идната година.

0

Системот „Безбеден град“ од 12 октомври треба да почне да се применува на целото подрачје на СВР Охрид, односно во Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска од Охрид соопшти дека командниот центар е во завршна фаза на подготовка.

– Во завршна фаза сме со уредувањето на командниот центар во СВР Охрид, кој е неопходен за да започнеме со практична примена на „Безбеден град“ – рече Тошковски.






Тој при работната посета на СВР Охрид со раководството разговарал за последните подготовки за системот. Според најавата, рокот е 12 октомври.

– Начелно се договоривме со раководството дека ќе бидеме подготвени системот да започне со примена од 12 октомври на целата територија на СВР Охрид – изјави министерот.

Тоа значи дека системот ќе се прошири на четири града во западниот дел од земјава.

– „Безбеден град“ го прошируваме и на подрачјата на Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Во следните две недели треба да ги завршиме преостанатите активности – додаде Тошковски.

При посетата се разговарало и за борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната трговија со дрога, јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.

Тошковски го посетил и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде најавил проширување на соработката со ФРОНТЕКС. Активностите што досега се спроведуваат на јужната граница треба да се прошират и кон западната, пред сè кон Албанија.

– За првпат е договорено ФРОНТЕКС своите активности да ги насочи и кон западната граница, а не само кон јужната како досега – рече Тошковски.

Заедничките активности со ФРОНТЕКС се очекува да почнат на почетокот на идната година.

Поврзани содржини