Венко Филипче може да биде само чувар на јахтата во зимскиот период
Можеби како доктор и како човек, Филипче е отворен, одговорен, несебичен, пријателски настроен. Јас барем го знам како таков. Но, во својот политички хабитус, Венко Филипче е поинаков. Тесноград. Денунцијант. Конфликтен. Одмаздољубив. Слабак. Лузер. Таков човек, едноставно, не може да води партија и да победува. Време е да се вразуми и да се повлече.
Крајно време е Венко Филипче да си замине од СДСМ.
Она што луѓето од Платформата 12.05 одлучно и јавно му го кажаа е мислење што го споделува огромното мнозинство членови и симпатизери на СДСМ, разочарани од тоа на кое дереџе падна партијата под водство на пуленот на Зоран Заев.
Време е Филипче конечно да ја преземе одговорноста за катастрофалниот пораз на последните избори, после кој СДСМ стана петторангирана политичка партија во Скопје. Тој треба да постапи доблесно и машки, како што постапи и Заев, кој во ноември 2021 година се повлече од кормилото, откако предходно конечно сфати дека сидрото што го џитна да влече напред, опасно го влече бродот кон дното.
Време е Венко Филипче да се соочи со фактот дека нема лидерски капацитет да ја крене партијата на нозе, откако самиот ја фрли на колена. Тој сега ги брка, јавно ги омаловажува и ги клевети своите партиски другари, кои имаат различно мислење. Го дели СДСМ, наместо да се обиде да го обедини.
Јас го разбирам. Можеби како доктор и како човек, тој е отворен, одговорен, несебичен, пријателски настроен. Јас барем го знам како таков. Но, во својот политички хабитус, Венко Филипче е поинаков. Тесноград. Денунцијант. Конфликтен. Одмаздољубив. Слабак. Лузер.
Таков човек, едноставно, не може да води партија и да победува.
И затоа, наместо сите да ги повикува да се вразумат, самиот тој треба да си се вразуми и да се повлече. Тоа е во интерес на СДСМ, пред сè. Бидејќи навистина е реална опасноста, со него на чело, партијата да доживее уште еден катастрофален пораз на следните парламентарни избори, а потоа целосно да се маргинализира.
СДСМ избра нов потпретседател. Горан Герасимовски. Победникот во најурбаната скопска општина, градоначалникот на Центар. Неговата прва изјава за сплотеност во партијата и за почитување на различното мислење дава надеж дека тој човек може да ја поведе партијата во овој транзициски период, до следниот конгрес на обединување, на кој ќе биде избран нов легитимен партиски лидер.
Јас мислам дека нема човек во СДСМ кому не му е јасно дека тоа е логичниот редослед на чекорите: итна оставка на Венко Филипче и преземање на одговорноста за изборниот дебакл, обновување на дијалогот и на другарството во партијата, конгрес на обединување и избор на нов лидер, подготовка за следните избори.
Ќе се осмелам да претпоставам дека сево ова му е јасно и на Зоран Заев и дека и тој ќе го советува Филипче да ја напушти Бихаќка.
Може да му понуди нова значајна функција – чувар на јахтата во зимскиот период.
Постои живот и надвор од политиката.