БРИСЕЛ И ЗАПАДЕН БАЛКАН НА ПРЕСВРТНИЦА Новиот план на Фон дер Лајен ќе направи револуција за регионот?

Се очекува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 30 септември официјално да го презентира клучниот стратешки документ пред Колегиумот на комесари, по што веднаш ќе замине на тридневна интензивна дипломатска турнеја низ регионот, вклучувајќи го и Скопје.

0

Европската Унија се подготвува за досега најрадикалната реформа на својата политика за проширување, со цел да го откочи процесот за Западен Балкан, но и да се заштити од внатрешни демократски назадувања. Се очекува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 30 септември официјално да го презентира клучниот стратешки документ пред Колегиумот на комесари, по што веднаш ќе замине на тридневна интензивна дипломатска турнеја низ регионот, вклучувајќи го и Скопје.

Документот насловен „Реформи пред проширувањето и прегледи на политиките“ содржи револуционерни предлози кои директно ја допираат Македонија и нејзината повеќегодишна борба со билатералните блокади.






Крај за „балканизацијата“ на европските вета?

Најважната точка во новата стратегија на Фон дер Лајен е предлогот за воведување на гласање со квалификувано мнозинство за меѓучекорите во преговорите. Тоа значи дека за отворање и затворање на поглавјата и кластерите повеќе нема да биде потребен консензус од сите земји-членки. Едногласноста би останала задолжителна само за последната фаза – финалниот прием на нова држава во Унијата.

Оваа измена има за цел да стави крај на практиката во која поединечни земји-членки, како Бугарија во случајот со Македонија, го користат правото на вето за решавање на историски и билатерални спорови. Евроамбасадорот Михалис Рокас веќе најави дека оваа стратегија ќе донесе многу појасен и попредвидлив пат за Скопје.

Европската комисија се очекува да го напушта концептот „сè или ништо“. Новиот модел предвидува фазна инклузија, односно земјите-кандидати кои успешно ги спроведуваат реформите ќе добијат пристап до единствениот пазар на ЕУ и до значајни буџетски фондови уште перед формално да станат членки.

Сепак, правилата доаѓаат со строг заштитен механизам. Доколку некоја земја по приемот покаже регрес во владеењето на правото, ЕУ ќе активира клаузули за „Тројански коњи“ – со кои брзо ќе се укинуваат фондовите или ќе се суспендира правото на глас на новата членка.

Постепената интеграција е реална

Веднаш по објавувањето на документот, од 30 септември до 2 октомври, Фон дер Лајен лично ќе ги посети Скопје, Тирана, Приштина и Подгорица. Србија и Босна и Херцеговина не се опфатени со оваа посета поради изборите во двете земји, но од Брисел најавуваат дека Фон дер Лајен ќе ги посети во наредниот период.

– Како што изјави претседателката на Самитот ЕУ-Западен Балкан овој јуни, нашата Унија нема да биде целосна без Западен Балкан. Затоа, во своите разговори, таа ќе се фокусира на претстојните чекори на европскиот пат на нашите партнери и на тековниот напредок во постепената интеграција, поддржана од нашиот План за раст за Западен Балкан – изјави портпаролката на Европската комисија, Ариана Подеста.

Европскиот амбасадор во Скопје, Михалис Рокас, веќе ја оцени посетата како „одлучувачки чекор“ кон отворањето на пристапните преговори, потврдувајќи дека зад сцената интензивно се работи на придвижување на процесот.

– Франција и Германија беа двигатели на оваа иницијатива, а целта е заедничка за сите: да се забрза процесот на пристапување, да се исполнат сите неопходни предуслови, но истовремено и земјите кандидати постепено да добијат поголем пристап до внатрешниот пазар на ЕУ. Токму затоа, паралелно работиме и на тој процес – рече Рокас.

Осврнувајќи се на земјава, Рокас оцени дека покажала капацитет за спроведување реформи. Тој ја поздрави работата на Собранието и донесувањето на повеќе закони.

– Без двоумење можам да кажам дека земјата покажа дека има капацитет да спроведува реформи. Би сакал да ја поздравам работата што е завршена во Собранието, особено во однос на законите што се донесуваат во овој дом. Секако, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, сметаме дека успешно можеме да ве подготвиме за пристапување кон ЕУ – додаде Рокас.

Сепак, тој нагласи дека постојат три клучни области на кои земјата треба да остане посветена, а една од нив е владеењето на правото, каде што не може да има компромис:

– Предуслов за отворање на преговарачките поглавја е исполнувањето на строгите критериуми, особено во делот на владеењето на правото и нивната целосна имплементација. Тоа се стандардни процедури што важат за сите земји кандидати – истакна евроамбасадорот.

Муцунски: Бараме предвидливост во процесот

Најавите за новата стратегија на Брисел доаѓаат во деновите кога македонската дипломатија јасно ги зацврстува своите црвени линии. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Њујорк порача дека Македонија е силно посветена на европскиот пат и отворањето на преговорите, но под еден клучен услов:

– Нема да прифатиме компромис што не обезбедува предвидливост во процесот“, дециден е Муцунски, со што практично испрати порака дека Скопје очекува токму вакви системски реформи од ЕУ кои ќе ги оневозможат идните субјективни блокади.

Вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, од Њујорк исто така потврди дека се очекува официјализирање на стратегијата за проширување согласно предлозите на Франција и Германија за постепена интеграција на земјите кандидати, која ја смета за позитивен исчекор.

– Тој документ сѐ уште е нон пејпер, но е предложен и поддржан од Франција и од Германија. Секако дека во овој период беше тема на дискусија и меѓу други членки на ЕУ, пред да се објави како официјален документ. Го сметаме како добронамерен и со цел за поддршка на сите земји аспиранти за членство во ЕУ. Очекувам тој документ да биде усвоен, доколку не се смени стратегијата за негово официјализирање, и дека ќе игра добра улога во забрзување на процесот на евроинтегрирањето. Сите земји членки и аспиранти, во комуникациите што сме ги имале досега, гледаат позитивно на тој документ – изјави Сали.

Остриот тон на Марта Кос: Нема гаранции, уставните измени се услов

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, за време на нејзината официјална посета на Скопје, но и во нејзините најсвежи изјави директно поврзани со новата стратегија на ЕУ, испрати многу јасни, конкретни и цврсти пораки: „Нема гаранции однапред – сè зависи од реформите“.

На прашањата од македонските власти за добивање на „гаранции“ дека нема да има нови вета и билатерални сопнувања во иднина, Кос децидно одговори дека европското проширување не се гради на однапред дадени гаранции, туку на исполнување на обврските, доверба и напорна работа.

Кос јасно стави до знаење дека и покрај новите модели на постепено приближување и плановите за раст, внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е следниот неопходен чекор без кој процесот не може формално да продолжи напред. Таа неодамна ја дефинираше оваа сезона како „есен на проширувањето“ и апелираше Скопје да не го пропушти овој поволен момент.

Комесарката предупреди дека секое одложување и барање изговори директно го загрозува повлекувањето на финансиските средства. Конкретно, повеќе од четири милиони евра европски средства од Планот за раст се директно условени со напредокот на Собранието во однос на преземените обврски.

Новиот документ што ќе се открие деновиве ќе биде главна тема и на претстојниот Самит на лидерите на ЕУ закажан за 15 октомври, каде ќе се кршат копјата меѓу земјите-членки кои бараат брзо проширување и оние кои се скептични.

 

Поврзани содржини