ФРЛАЛ ОТПАД НА УЛИЦА, СЕГА ЌЕ МОРА ДА ГО СОБЕРЕ Казнет скопјанецот снимен во Ченто
Снимката објавена на социјалните мрежи ги активирала инспекциските служби на Општина Гази Баба, кои го идентификувале Р.Ј. и му наложиле да го отстрани отпадот што го истоварил.
Скопјанецот кој беше снимен како со камион незаконски одложува отпад на улицата „Јужноморавски Бригади“ во Ченто е казнет, а освен глобата ќе мора и да го отстрани отпадот што го истоварил на локацијата.
Случајот бил откриен откако видеото со незаконското одложување отпад било објавено на социјалните мрежи. По објавата, инспекциските служби на Општина Гази Баба веднаш излегле на терен и го утврдиле идентитетот на лицето снимено на видеото.
Станува збор за Р.Ј. од Скопје. Од Општината информираат дека против него е изречена глоба согласно Законот, а дополнително му е наложено да го подигне незаконски одложениот отпад од улицата.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, порача дека инспекциските служби продолжуваат со контролите на терен.
Според него, инспекторите работат во две смени со цел да се спречи незаконското фрлање отпад и да се заштитат јавните површини.
– Нема неказнивост. Секој кој ќе се огреши пред Законот и ќе го нарушува јавниот ред, чистотата и животната средина ќе одговара за своите постапки – порача Стефковски.
Од Општина Гази Баба воедно апелираат до граѓаните да не оставаат и одложуваат отпад на недозволени места, нагласувајќи дека чистотата на општината е заедничка одговорност.