СЕ ВОДАТ НА БОЛЕДУВАЊЕ, А РАБОТАТ НА ДРУГО МЕСТО ИЛИ ПАТУВААТ Целта на контролите е да се сузбијат злоупотребите, а не да се малтретираат граѓаните
Министерот за здравство, Сашо Клековски вели дека треба да се релаксира администрацијата кога е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а да се оневозможи земањето боледување заради спојување празници или заради одење на годишен одмор.
Има бројни злоупотреби на боледувањата и целта на измените е тие да се спречат, има ситуации во кои луѓе се на боледување, а на Инстаграм објавуваат фотографии од одмор во Италија, рече денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој додаде дека сите измени на правилникот за боледување се направени врз основа на компаративни анализи.
Тој посочи контолите што се предлагаат дали болниот е навистина дома, е споредувано, на пример, со Словенија, каде законот е донесен кога на власт била левицата, а не десницата.
– Од друга страна се загалам за олеснување на тие кои навистина се болни и имаат трајни дијагнози кои нема да се променат, дали се онколошки или автоимуни или потешки дијагнози. Треба да ја релаксираме администрацијата кога е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а малку повеќе да го оневозможиме земањето боледување заради спојување празници или заради одење на годишен одмор кога сакаме да одиме. Со законот не е предвидено да одиме на годишен одмор кога сакаме – рече Клекпвски.
Тој рече дека има примери со земање на годишни одмори во јавна администрација, за да се работи на друго место.
– Имаме примери каде луѓе кои се на боледување работат друга работа. Сакаме тоа да го сузбиеме, а не да малтретираме – рече денеска Клековски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој не смета дека е казна за граѓаните намалувањето од 7 на 5 дена на периодот за кој матичен лекар може да отвори боледување, оти, како што рече, има инфлација на боледувања, на такви кои се издаваат на телефон. Според него, 5 дена за боледување од матичен лекар е сосема доволно.
Во врска со најавената контрола на движењето на оние кои се на боледување, Клековски смета дека тоа треба да оди со закон, бидејќи во моментов контролата не е уредена во постојните решенија.
– Меѓутоа, тоа е посебна дискусија, а контролорите на Фондот имаат право да вршат контроли на боледувањата, вклучувајќи и каде се наоѓа пациентот. Искуството од Словенија е дека контролата на режимот на престојување и на движење е уредена со закон. Словенија нема граници каде може да врши гранична контрола, бидејќи е во Шенген зоната. Таму е базирано на пријава до Фондот за здравствено осигурување на Словенија дека лицето кое е на боледување е на одмор во Италија или работи на лозја некаде – рече Клековски.