ОСУМ МУСЛИМАНСКИ ЗЕМЈИ БАРААТ ИЗРАЕЛ ДА ЈА ДЕБЛОКИРА ПОМОШТА ЗА ГАЗА Се бара итно исполнување на потпишаниот договор
Осум земји со мнозинско муслиманско население, меѓу кои и Турција, денеска побараа од Израел веднаш да ги исполни преостанатите обврски од првата фаза на мировниот план за Појасот Газа.
Во заедничкото соопштение, министрите за надворешни работи на Турција, Обединетите Арапски Емирати, Индонезија, Катар, Египет, Пакистан, Саудиска Арабија и Јордан изразија „длабока загриженост поради континуираното хуманитарно страдање во Газа“.
Тие го повикаа Израел „веднаш да ги исполни преостанатите обврски од првата фаза на сеопфатниот план, вклучително и преку обезбедување итна, безбедна и непречена испорака на хуманитарна помош и средства за рано закрепнување, како и олеснување на обновата на критичната инфраструктура“. Исто така, шефовите на дипломатиите ја нагласија потребата од зачувување на прекинот на огнот и запирање на сите прекршувања.
Денешната реакција на осумте земји е насочена кон целосно спроведување на обврските предвидени во првата фаза од договорот, особено во делот на хуманитарната помош и обновата.
Мировниот план за Газа, официјално наречен Сеопфатен план за завршување на конфликтот во Газа, претставува мултилатерален договор меѓу Израел и Хамас чија цел е прекин на воените дејствија и справување со хуманитарната криза во енклавата.