📽️ СТАОРЦИ ШЕТААТ НИЗ СКОПСКИТЕ НАСЕЛБИ Вонредна дератизација во Центар по пријави од граѓани

Граѓани споделуваат снимки од стаорци на повеќе скопски локации, а Општина Центар два дена спроведува вонредна дератизација на критичните точки.

54

Стаорци повторно се забележуваат на повеќе места низ Скопје, а снимки од глодари како се движат по улиците и јавните површини граѓаните масовно ги споделуваат на социјалните мрежи. Пријави и видеа има од Капиштец, Аеродром, Драчево, но и од кејот на Вардар.

Поради зголемената појава на глодари, Општина Центар денеска и утре спроведува вонредна дератизација на повеќе локации на својата територија. Акцијата ги опфаќа Буњаковец, Капиштец и Градски ѕид, како и други точки каде што се забележани стаорци или каде што граѓаните пријавиле проблем.






Од Општина Центар велат дека ова е втора вонредна дератизација во последните два месеца. Покрај овие интервенции, во општината веќе била спроведена и редовната пролетна дератизација, додека претстои и есенската.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, сепак, предупредува дека проблемот не може трајно да се реши само со поставување средства против глодари.

– Ова е втора вонредна дератизација во последниве два месеца. Претходно имавме редовна пролетна дератизација, а пред нас е и есенската. Но, само со дератизација не се решава проблемот – изјави Герасимовски.

Тој апелира до Град Скопје и до надлежните градски јавни претпријатија да обезбедат почесто празнење и одржување на контејнерите, како и подобро одржување на канализационата инфраструктура.

Според него, појавата на глодари бара координирана реакција од повеќе институции, бидејќи проблемот не се однесува само на една општина.

– Ваквите инвестиции се решаваат со системски пристап, каде треба да бидат вклучени сите надлежни институции, бидејќи проблемот не е само во една општина, туку пошироко – вели градоначалникот.

Од Општина Центар ги повикуваат граѓаните да ги пријавуваат местата каде што забележале зголемена појава на глодари, со цел надлежните служби навреме да интервенираат.

Општината најавува дека ќе продолжи да ја следи состојбата на терен и да презема мерки за одржување на чиста, безбедна и здрава животна средина.

Поврзани содржини