СВЕТСКИ РЕКОРДЕР ЗАГИНА ВО СТРАШНА НЕСРЕЌА Со голема брзина удрил во елен за време на тренинг
Германскиот велосипедист загина за време на тренинг кај Салцбург, откако со голема брзина се судрил со елен. На неговата облека биле пронајдени животински влакна, а животното сè уште не е пронајдено.
Трагично заврши животот на германскиот ултравелосипедист Макс Ризе, светски рекордер и еден од најдобрите натпреварувачи во оваа екстремна дисциплина. Тој загина на 36 години откако со голема брзина удрил во елен за време на тренинг во близина на Салцбург.
Несреќата се случила на 15 септември на панорамскиот пат во близина на австрискиот град, каде што Ризе живеел и каде редовно тренирал. Иако делницата му била добро позната и ја поминувал стотици пати, овојпат во неговиот пат се појавил елен.
Тешко повредениот велосипедист го забележала жена која минувала со автомобил. Таа веднаш повикала помош, по што на местото пристигнале пожарникари, медицински екипи и спасувачки хеликоптер. Сепак, повредите биле смртоносни и Ризе починал на местото на несреќата.
За силината на ударот сведочи и состојбата во која бил пронајден неговиот велосипед – практично целосно уништен. На облеката на велосипедистот биле пронајдени животински влакна, што дополнително ја поткрепува претпоставката дека дошло до директен судир со еленот.
Животното, пак, не било пронајдено. Поради тоа, во истрагата е ангажиран стручњак кој треба да помогне во реконструкцијата на несреќата и да ги утврди точните околности под кои дошло до кобниот удар.
Ризе беше познат како еден од најуспешните ултравелосипедисти во светот. Во 2025 година постави светски рекорд во дисциплината „Трипл Еверестинг“, откако на Гајсберг кај Салцбург дури 95 пати ја поминал трасата до врвот и назад.
Во тој подвиг совладал неверојатни 26.553 метри висинска разлика за нешто повеќе од 37 часа, достигнување што го вброи меѓу најдобрите имиња во ултравелосипедизмот.
Трагедијата се случи токму на теренот што Ризе го познавал исклучително добро и на кој со години го градел својот спортски успех.