ВО ЕВРОПА СЕ ЗАТВОРА ВРАТАТА ЗА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ЗА ДЕЦА Македонија засега нема најавено дали и каде ќе ја повлече границата

Македонија засега нема објавено старосна рамка за забранување социјални мрежи. Додека Австрија ја поставува границата на 14 години, Франција се бори за модел со 15, а ЕУ предлага скала од 13 до 15 години, домашната дебата сè уште е главно на ниво на експертски повици за поголема заштита на децата.

61

Повеќе европски земји воведуваат или подготвуваат старосни ограничувања за социјалните мрежи, додека ЕУ предлага заедничка граница под која децата нема да можат самостојно да отвораат профили. Австрија оди со граница од 14 години, Франција турка забрана под 15, а Европската комисија предлага без профили под 13 и самостојни профили дури од 15 години – додека во Македонија засега нема најавена конкретна забрана.

Македонија засега останува настрана од европскиот бран на старосни ограничувања. Нема најавена конкретна граница за пристап до социјалните мрежи, иако домашни експерти веќе повикуваат да се отвори ова прашање.






Социологот Илија Ацески смета дека ограничувањето треба да се разгледа и кај нас, особено за децата од најмладите возрасни групи. Тој предупредува на последиците врз образованието, јазичното изразување, однесувањето и социјализацијата.

Европа почна да ги повлекува границите

Европската комисија на 17 септември го предложи EU KIDS Act, со кој се поставува заедничка старосна скала за целата Унија. Под 13 години не би биле дозволени профили на социјалните мрежи, од 13 до 15 години би имало ограничени профили под родителски надзор, а самостоен профил би можел да се отвори од 15 години.

За децата од 13 до 15 години се предвидува и ограничување на времето до еден час дневно, како и родителско одобрување на контактите. Но, ова сè уште е предлог, а не забрана што веќе важи низ ЕУ.

Австрија оди по сопствен пат и предлага задолжителна минимална возраст од 14 години за користење платформи како „Тикток“, „Инстаграм“, „Јутјуб“ и „Снепчет“. Предлогот веќе е во законска процедура, а Виена го насочува ударот и кон алгоритмите и функциите што поттикнуваат прекумерно користење.

Франција не се откажува од границата 15 години?

Франција, пак, ја турка границата до 15 години. По правните пречки со првичниот модел, Париз продолжува да бара решение што ќе овозможи ограничувањето да се спроведе без судир со европското право и основните слободи.

Франција и Германија истовремено се заложија за усогласена европска „дигитална полнолетност“. Посебен акцент ставаат на проверка на возраста што ќе собира што е можно помалку лични податоци.

Kако интернетот ќе знае колку години имаме?

Токму проверката на возраста станува најтешкиот дел од целата приказна. Ако платформите треба да спречат 12 или 13-годишно дете да отвори профил, мора да постои начин да утврдат колку години има корисникот.

Тука се судираат две права – заштитата на детето и приватноста на сите други корисници. Австриската расправа веќе го отвори прашањето дали забраната за една возрасна група на крајот може да доведе до некаков облик на проверка на возраста на практично сите.

Македонија допрва треба да одлучи каде е границата

Европската приказна затоа веќе не се сведува само на забрана на „Тикток“ или „Инстаграм“. Се создава нов модел во кој државите и платформите треба да одлучат кога детето добива самостоен дигитален идентитет и кој ќе гарантира дека системот не ја претвора заштитата во масовно собирање податоци.

Maкедонија допрва треба да одлучи за овие нешта.

Поврзани содржини