📽️ ПОЧИНА СИНОТ НА СИНДИ КРАФОРД Манекенот Присли Гербер 10 години се борел со зависност
Манекенот и единствениот син на Синди Крафорд и Ренди Гербер почина во установа за рехабилитација, а причината за смртта засега не е позната. Минатиот месец неговата сестра Каја за „Вог“ отворено зборуваше за неговата десетгодишна борба со зависноста.
Присли Гербер, синот на супермоделот Синди Крафорд и бизнисменот Ренди Гербер, почина на 27 години. Според евиденцијата на медицинскиот истражител на округот Лос Анџелес, тој починал во неделата, 20 септември, во установа за рехабилитација. Причината за смртта засега не е објавена, а истрагата е во тек.
Веста ја потврди претставничката на семејството, Али Џенкинс, која во изјава за медиумите порача дека семејството бара приватност во „овој исклучително тежок и болен период“. Присли беше единствениот син на Синди и Ренди Гербер и постар брат на манекенката и актерка Каја Гербер.
Иако во јавноста најпрво беше познат како син на една од најпознатите манекенки во светот, Присли и самиот изгради кариера во модата. На 15 години потпиша со „Ај-Ем-Џи моделс“, а на 16 години дебитираше на модната писта за „Москино“. Подоцна работеше за познати брендови, меѓу кои „Келвин Клајн“, „Долче и Габана“ и „Бурбери“. Со својата сестра Каја во 2018 година се појави и во глобалната кампања на „Келвин Клајн џинс“.
Но, последните години од неговиот живот беа одбележани со сериозни проблеми со зависноста и менталното здравје, за кои самиот Присли јавно зборуваше. Во 2024 година откри дека се борел со зависност од опиоиди и дека преживеал предозирање со фентанил, по кое бил во кома неколку дена. Подоцна зборуваше и за зависноста од лекови на рецепт и за своите обиди да најде начин да се опорави. Во март годинава на социјалните мрежи сподели искуство со терапија со ибогаин, надевајќи се дека тоа ќе биде неговиот последен престој на рехабилитација.
View this post on Instagram
Само минатиот месец, неговата сестра Каја во големото интервју за „Вог“ зборуваше за влијанието што неговата десетгодишна борба со зависноста го имала врз целото семејство. Таа откри дека поради ситуацијата со брат ѝ почнала да се доживува себеси како „лесното дете“ и избегнувала да бара помош од родителите, бидејќи чувствувала дека семејството веќе има доволно проблеми. Во истото интервју таа зборуваше со гордост за тоа што Присли решил јавно да зборува за своите проблеми.
Неговото последно јавно појавување беше во мај годинава, кога со Синди, Ренди и Каја присуствувал на настан по повод соработката на неговата сестра со модниот бренд „Ри/Дан“. На фотографиите од семејната средба Присли е насмеан и опуштен.
Присли во 2023 година, зборувајќи за сопствените проблеми со менталното здравје, рече дека би му било доволно ако со својата приказна успее да му помогне на само еден човек.
– Без разлика дали ќе му помогнам на еден човек или на сто, тоа е сè што ми треба – рече тогаш младиот Присли.
Засега нема официјална информација за причината за неговата смрт.