БРАТОТ НА ДИЈАНА ГЛЕДА ИСТА ОПАСНОСТ ЗА ХАРИ И МЕГАН Продолжува натегањето со Палатата

Ерл Чарлс Спенсер вели дека во медиумскиот третман на Хари и Меган гледа одглас од она што го преживувала неговата сестра. Тој се присети и на „солзите во очај“ на Дијана поради критиките во печатот.

193

Братот на принцезата Дијана, Ерл Чарлс Спенсер, направи директна паралела меѓу медиумскиот притисок врз неговата сестра и начинот на кој денес британскиот печат ги третира принцот Хари и Меган Маркл.

Во интервју за Би-Би-Си тој оцени дека таквото секојдневно известување може да има „канцерогено влијание“ врз животот на луѓето што се негова цел.






– Ако погледнете статија во таблоид за Дијана или за Хари и Меган, тие можат да бидат навистина, навистина непријатни – рече Спенсер.

Тој нагласи дека не зборува во име на Хари и Меган, туку од искуството што го имал гледајќи ја својата сестра под огромен медиумски притисок.

– Мислам дека луѓето би требало да научат од примерот на Дијана – порача Спенсер.

Изјавата доаѓа среде новото натегање на Спенсер со Бакингемската палата, која тој ја обвини дека се обидува да го претстави како лажго откако јавно го оспори неговото тврдење за разговорот со Чарлс по смртта на Дијана.

„Ги видов солзите во очај“

Спенсер рече дека Дијана била многу чувствителна на критиките и дека јавната слика за нејзиниот привилегиран живот не покажувала колку силно ја погодувале нападите во медиумите.

– За секој што секојдневно се уништува на овој начин, тоа мора да има канцерогено влијание врз неговиот живот – рече тој.

Братот на Дијана се присети и дека ги видел нејзините „солзи на очај“ поради медиумското известување. Според него, таа била „навистина понижена“ од критиките, поради што сега му е тешко повторно да препознае делови од истиот образец кај Хари и Меган.

„Јас сум на страната на семејството“

Спенсер истовремено отфрли дека со тоа зазема страна во односите меѓу синовите на Дијана.

– Јас сум на страната на синовите на мојата почината сестра, двајцата – рече тој.

Новата изјава доаѓа само неколку дена откако Спенсер повторно отвори едно од најчувствителните прашања од деновите по смртта на Дијана.

„Ќе ја заборавиме доволно брзо“

Како што претходно објавивме, тој тврди дека тогашниот принц Чарлс, во телефонски разговор по нејзината смрт во 1997 година, му рекол дека „ќе ја заборавиме доволно брзо“. Бакингемската палата возврати дека болката од загубата може да влијае врз расудувањето и сеќавањето, но Спенсер остана на својата верзија.

– Тоа се токму зборовите што ги кажа. Ви го ветувам тоа сега – рече Спенсер во интервјуто, додавајќи дека за разговорот уште тогаш им кажал на членови на семејството и на пријатели.

Неговите нови изјави се дел од интервјуто дадено пред објавувањето на книгата „Лебедова песна – Дијана, мојата сестра“, во која Спенсер повторно се навраќа на животот на својата сестра и на нејзиниот однос со кралското семејство.

Поврзани содржини