ЗНАМ НЕ ВЛЕЗЕ ВО ВЛАДА ЗА ФОТЕЛЈИ Димитриевски даде отчет за две години работа во Велес
Пред граѓаните во Велес, претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача дека политиката мора да биде во функција на државата и интересот на граѓаните, а не борба за позиции.
Две години работа, две години резултати, една љубов – Македонија. Со ова мото Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија продолжува со директните средби со граѓаните и отчетот за преземената одговорност во Владата и Собранието, се вели во соопштението од ЗНАМ.
Пред граѓаните во Велес, претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача дека политиката мора да биде во функција на државата и интересот на граѓаните, а не борба за позиции.

– Не влеговме во Владата за фотелји. Влеговме затоа што веруваме дека Македонија може да биде подобро место за живеење и дека државата мора да се гради со работа, морал, одговорност и резултати – истакна Димитриевски.
Тој нагласи дека отчетноста не смее да биде само политичка фраза, туку обврска на секој што ја добил довербата од граѓаните.
– Ние не се криеме зад партиски фрази и дневнополитички партиски соопштенија. Она што сме го направиле ќе го покажеме. Она што не сме го направиле ќе го кажеме. А она што останува пред нас ќе го завршиме. Македонија нема време за уште едни изгубени години – порача претседателот на ЗНАМ.
Во соопштението ЗНАМ вели дека е единствената политичка партија во Македонија која по две години пред граѓаните излегува со конкретен отчет за својата работа и резултатите што ги постигнала, без коруптивни скандали, афери и лични интереси зад себе.
„Со тоа покажуваме дека политиката може да се води поинаку, со работа, одговорност и чесност“, пишува во соопштението.
На панел-дискусијата свое излагање за постигнатото во изминатите две години имаа и потпретседателот на ЗНАМ и пратеник, Павле Арсоски, кој се осврна на работата на Собранието и законските решенија, како и потпретседателот на Движењето ЗНАМ и министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој говореше за мерките и политиките кои се спроведени за македонското земјоделство и домашното производство на храна.
Димитриевски порача дека за функционерите на ЗНАМ во Владата претстои уште многу работа, но и дека ЗНАМ ќе продолжи да биде политичка сила која ќе поддржи сè што е добро за државата, но и ќе биде коректор, и ќе предлага нови сопствени решенија.
„Исто така ЗНАМ ќе биде отворена и за критики, сугестии и мислења од граѓаните. Затоа што ЗНАМ е формирана од граѓаните за граѓаните. За ЗНАМ Македонија е вредност, обврска и наша заедничка иднина“, се порачува во написот.