ДИПЛОМАТСКА МИСТЕРИЈА Кој го бара Усманов од Макрон – Баку негира, санкциите на ЕУ висат
Додека Франција бара олеснување на санкциите за човек кого ЕУ го санкционира поради неговите блиски врски со Владимир Путин, Макрон на 18 септември предупреди дека Русија во последните недели ги засилила хибридните напади врз Франција и најави француски одговор. Кој е овде луд, а кој збунет?
Европската Унија влезе во последните денови од необична санкциска криза, во која судбината на мерките против околу 2.600 руски лица и субјекти се врза за еден милијардер, двајца француски државјани во азербејџански затвори и дипломатско прашање на кое засега никој не дава целосен одговор: кој побара од Франција да го спаси Алишер Усманов од европските санкции? Франција бара тој да биде симнат од листата, европски дипломати велат дека зад операцијата стои Азербејџан, а Баку сега категорично го негира тоа.
Кризата е толку длабока што членките не успеаја да го направат она што во нормални околности би било рутинска постапка – да ги продолжат индивидуалните санкции за уште шест месеци. Наместо тоа, на 14 септември амбасадорите договорија продолжување од само седум дена, до полноќ на 22 септември. Советот на ЕУ потврдува дека мерките, кои вклучуваат замрзнување имот, забрана за патување и забрана за ставање средства на располагање, моментално важат само до тој датум.
Француската страна на приказната
Причината е барањето на Франција и Словачка Усманов да биде отстранет од листата. Париз објаснува дека станува збор за „конкретно прашање на националната безбедност” и дека сака позитивно да одговори на „меѓународни партнери” кои му се обратиле во врска со рускиот милијардер. Истовремено, Франција нагласува дека останува меѓу државите најсилно посветени на зголемување на притисокот врз руската воена машинерија и на поддршката за Украина.
„Фајненшл тајмс“ ја откри заднината што Париз не ја соопштува јавно. Според три лица запознаени со преговорите, Франција лобира за укинување на санкциите против Усманов како дел од напорите за ослободување неколку француски државјани што ги држи Азербејџан. Ако таквиот аранжман биде реализиран, според весникот, тоа би било првпат олеснување на санкциите воведени по руската инвазија врз Украина експлицитно да биде поврзано со ослободување затвореници.
Ројтерс потоа објави уште поконкретни информации. Тројца европски дипломати рекле дека Париз приватно им објаснил на партнерите дека Баку го користи случајот Усманов како средство за притисок во разговорите за двајца француски државјани задржани во Азербејџан, од кои еден е осуден за шпионажа. Според истите извори, Франција смета дека азербејџанската позиција ја поддржуваат и Катар и Казахстан.
Париз занеме пред демантот од Париз
Но, сега се појави нов пресврт. Висок азербејџански дипломат за Ројтерс ги нарече тврдењата за притисок врз Франција „категорично неосновани”. Баку признава дека отворено го поддржува симнувањето на Усманов од западните санкциски листи и дека Азербејџан, заедно со други членки на Организацијата на туркиски држави, во повеќе наврати им пишувал на американските и европските лидери во негова корист. Но тврди дека никогаш не се мешал во санкциските процеси на ЕУ или САД.
Франција не ја расчисти противречноста. Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи Паскал Конфавре не сакаше да одговори директно на прашањето за улогата на Азербејџан и повтори дека станува збор за „национална безбедност”. Така остануваат две паралелни верзии: европски дипломати велат дека Баку го користи Усманов како лост во преговорите за Французите, додека Азербејџан признава дека лобирал за Усманов, но негира дека вршел притисок врз Париз.
Макрон дава контрадикторни изјави
Во меѓувреме, ЕУ бара формула со која ќе ја реши кризата. Ирското претседателство со Советот и Европската служба за надворешни работи, EEAS, предложиле компромис: Усманов да остане формално на санкциската листа, но да му бидат олеснети некои од ограничувањата, меѓу кои се замрзнувањето на имотот и забраната за патување. Германија и Италија покажале подготвеност да разговараат за такво решение, додека други членки предупредуваат дека селективното „омекнување” на санкциите би создало правен преседан што би можеле да го користат и други руски бизнисмени во судските постапки против ЕУ.
Случајот дополнително добива на тежина поради позицијата на Емануел Макрон кон Москва. Додека неговата влада во Брисел бара олеснување на санкциите за човек кого ЕУ го санкционира поради неговите блиски врски со Владимир Путин, Макрон на 18 септември предупреди дека Русија во последните недели ги засилила хибридните напади врз Франција и најави француски одговор.
Целата епизода истовремено покажува колку малку простор за самостојно дејствување има Каја Калас кога националните интереси ќе се судрат во Советот. EEAS учествува во барањето компромис, но не може да ја реши блокадата: санкциските одлуки бараат едногласност на сите 27 членки. Во март Советот безмалку рутински ги продолжи мерките за шест месеци; шест месеци подоцна ЕУ мораше да купи само седум дена за да спречи истекување на истиот режим.
До 22 септември Брисел мора повторно да најде едногласност. Во центарот останува човек со милијарди во металургијата, рударството, телекомуникациите и медиумите, кого ЕУ го санкционира поради, како што наведува, „особено блиски врски” со Путин. Околу него сега преговараат Франција, Словачка и останатите членки и засега не можат да најдат разумно и принципиелно решение. Рокот за тоа истекува на 22 септември.