ДАЛИ ОВАА БУЧАВА Е НАД ГРАНИЦИТЕ? Центар овозможи увид во мерењата на 30 локации

Прецизно ги мапиравме најгорливите точки, а сега секој граѓанин може сам да се увери во нивото на бучава во општината и во својата непосредна околина, како и да алармира кога ќе забележи надминување на дозволените граници, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

129

Општина Центар е прва општина во државата која на граѓаните им овозможува директен увид во мерењата на бучавата преку општинскиот ГИС-портал, соопшти локалната самоуправа.

Со новата услуга граѓаните можат да ја следат состојбата на 30 локации низ општината, каде што се поставени мерни уреди за бучава, и на својот компјутер да проверат дали измерените вредности се во законски дозволените граници.






Од Општина Центар велат дека пристапот е едноставен: потребно е граѓаните да се регистрираат на порталот, да кликнат на „категории“ и да ја изберат опцијата „мониторинг на бучава“. Со избирање на секоја локација се прикажуваат просечните измерени вредности на бучавата по час, како и просечната дневна вредност.

Мерењата се изразуваат во децибели, во скала од 0 до 145. Секое мерење е обележано со боја-индикатор, при што црвената боја означува надминување на законски дозволената граница на бучава.

Проектот се реализираше во две фази. Прво беа поставени 30 уреди на локациите каде граѓаните најчесто пријавуваа проблеми, а сега со поврзувањето со ГИС-порталот мерењата се јавно достапни.

Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека ова е уште едно исполнето предизборно ветување.

– Воведовме паметен систем за мерење на бучавата. Прецизно ги мапиравме најгорливите точки, а сега секој граѓанин може сам да се увери во нивото на бучава во општината и во својата непосредна околина, како и да алармира кога ќе забележи надминување на дозволените граници. Доволно е да се најави на нашиот ГИС-портал, мерењата сега се целосно транспарентни – вели Герасимовски.

Општинските инспектори основа на податоци од мониторингот можат да излезат на терен и да извршат проверки на конкретните локации.

Општина Центар  планира проширување на системот за мониторинг со нови локации, согласно барањата на жителите.

Поврзани содржини