УСТАВНИ ИЗМЕНИ САМО СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО Така Македoнија би добила гаранции дека нема да има нови сопки
Идејата е измените да се изгласаат во Собранието, но да не стапат во сила веднаш. Мицкоски вели дека така Македонија би добила гаранција дека по завршувањето на преговорите нема повторно да се соочи со нов услов.
Уставните измени да се донесат веднаш, но нивното дејство да се одложи до крајот на преговорите со Европската Унија. Ова е решението што премиерот Христијан Мицкоски го спомна во интерјву за Атлантскиот совет во Вашингтон, барајќи предвидлив крај на процесот и гаранција дека сегашниот услов нема да биде проследен со нови пречки.
– Оваа Влада има предлог да се направат измените веднаш во Собранието, но да стапат во сила кога ќе ги завршиме преговорите и кога сите парламенти на земјите членки ќе го ратификуваат пристапниот протокол – рече Мицкоски кој ја предводи владината делегација во неколкудневна посета на високо ниво во САД.
Официјалната позиција на ЕУ е дека договорените уставни измени се услов за следната фаза од пристапниот процес. Обврската произлегува од решението договорено во 2022 година, а за уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство.
„Прифатиле нешто што не можеле да го испорачаат“
Токму начинот на кој била преземена таа обврска Мицкоски го посочи како една од причините за сегашната блокада. Тој ја обвини претходната влада дека се согласила на услов иако немала доволно пратеници за да ја спроведе потребната промена на Уставот.
– Претходната влада не успеа да испорача резултати дома и практично рекоа: „Еве, дајте ни бел лист хартија, ние ќе прифатиме сè“. И тоа го направија. Се обврзаа да го променат Уставот, знаејќи дека се многу слаба влада, без двотретинско мнозинство во Собранието – рече Мицкоски.
Мицкоски отиде чекор понатаму и оцени дека претходната власт прифатила нешто што не била во состојба да го спроведе.
– Претходната влада прифати нешто што не е во можност да го испорача. Ако прифаќате услов за кој е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот, а го прифаќате со просто мнозинство, тоа е нелегална постапка – изјави премиерот.
Изгласување сега, примена на крајот
Актуелната влада нуди поинаков механизам. Наместо целосно отфрлање на уставните измени, тие би биле усвоени, но со одредба што би го одложила нивното стапување во сила.
Мицкоски го врзува моментот на активирање со две работи: завршување на пристапните преговори и ратификација на пристапниот протокол од парламентите на сите земји членки.
– Ова е гаранција дека нема да има дополнителни пречки и дека ова е последното – рече Мицкоски.
Идејата за одложено дејство не е нова во неговата политичка позиција. Уште од почетокот на мандатот на Владата таа идеја беше споменувана.
„Не сакам авантура без догледен крај“
Премиерот вели дека Владата ќе остане на оваа позиција и покрај пораките од Брисел дека треба да се спроведе договореното во 2022 година.
– Ова е нешто што го отвора патот во иднината за мојата земја. Јас не сум таков тип политичар кој би сакал да влезе во авантура без предвидлив и догледен крај – рече Мицкоски.
За спорот, потврди тој, Владата разговара и со Вашингтон.
– Секако дека разговараме со нашите стратешки партнери и секако дека разговараме со Вашингтон за овој предизвик. Дали ќе бидеме успешни, не знам, но ќе продолжиме да разговараме со стратешките партнери кога се соочуваме со предизвици – рече Мицкоски.
Неговиот настап на 17 септември во Атлантскиот совет беше посветен на стратешкото партнерство со САД, економската иднина на Македонија и патот кон Европската Унија.