СВЕТОТ ОДИ КОН ТРЕТА СВЕТСКА ВОЈНА Бабиш алармира Европа и САД итно да ги доведат Зеленски и Путин на преговарачка маса
Руската војна во Украина досега трае 1.666 дена, односно 99 дена подолго од Првата светска војна. Патот по кој светот оди денеска не води кон безбедност. Тој води директно до портите на пеколот, кон Третата светска војна, рече чешкиот премиер Андреј Бабиш.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш предупреди дека светот сега оди директно кон трета светска војна и Европа и САД мора итно да ги принудат рускиот претседател Владимир Путин и украискиот претседател Володомир Зеленски да седнат на преговарачка маса.
– Руската војна во Украина досега трае 1.666 дена, односно 99 дена подолго од Првата светска војна. Не се плашам да го кажам тоа гласно. Патот по кој светот оди денеска не води кон безбедност. Тој води директно до портите на пеколот. Тој нè води кон Третата светска војна – рече Бабиш на Самитот за одбрана во Прага.
Чешкиот премиер ја осуди Русија за нејзината агресија врз Украина и го критикуваше Западот и неговите лидери дека се концентрираат само на военото решение на конфликтот.
– Ако се фокусираме само на воено решение, мислам дека тоа не е идеално – рече Бабиш.
Тој предупреди дека американскиот претседател Доналд Трамп сè повеќе јасно става до знаење дека војната е првенствено проблем за Европа, а не за САД, и затоа, според чешкиот премиер, Европа мора повеќе да се занимава со дипломатско решение.
– Штом некој во Европа ќе споменеше дека би сакал да го реши тоа преку дипломатија, веднаш го критикуваа – рече Бабиш.
Чешкиот премиер, исто така, изјави дека Европа мора да извлече поуки од војната во Украина и да најде решенија во случај на напад, првенствено, одбрана од балистички ракети.
– Можеби сум наивен, но сакам да ги убедам нашите партнери да се фокусираат на таков проект – рече Бабиш.
Андреј Бабиш го спомена примерот со Ербас, со кој европските земји покажаа за што се способни кога ќе ги обединат своите капацитети и напори и посочи дека на сличен начин би можеле да создадат антиракетен штит како што направи Израел.
Бабиш го нарече заедничкиот европски противракетен систем Еуро-Патриот, а според негово верување, тоа би бил значаен придонес на европските земји во НАТО, не како паралелен систем ниту заобиколување на САД, туку систем вклучен во европското крило на Алијансата, кое со договор презема зголемена одговорност за одбраната на Европа.
Меѓународната безбедносна конференција „Прашки самит за одбрана“ се одржува од 16 до 18 септември во чешката престолнина, а оваа година е посветена на зајакнувањето на одбранбените капацитети на европските земји, решенијата за ефикасна поддршка на Украина и за новите технологии во армијата.