ЕДЕН ТЕЛЕФОНСКИ ПОВИК НА ТРАМП ГИ СТИВНА АПОКАЛИПТИЧНИТЕ СЦЕНАРИЈА ЗА АИ Ефектна контра на предупредувањата на Амодеи, Алтман и на Маск

Пазарните аналитичари оценуваат дека инвеститорите засега не веруваат оти повиците на Амодеи, Алтман и Маск навистина ќе доведат до забавување на АИ-трката. Телефонскиот спектакл на Трамп првиот човек на Nvidia затоа доби и многу конкретна берзанска димензија: Белата куќа му порача на Волстрит дека нема намера да ја притисне сопирачката на американскиот АИ-бум.

1,142

Американскиот претседател Доналд Трамп директно се вклучи во жестоката расправа за опасностите од вештачката интелигенција, со неочекуван телефонски повик до извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг, додека тој беше на сцената на All-In Summit во Лос Анџелес.

Хуанг го стави телефонот на звучник, а Трамп пред публиката ги отфрли најцрните предупредувања за АИ. „Роботите нема да го преземат светот. Вештачката интелигенција нема да го преземе светот. Сето тоа е измама”, рече Трамп.






Случајност или режиран спектакл

Сцената повеќе личеше на добро режиран политичко-технолошки спектакл отколку на вообичаена конференциска дискусија. Џенсен Хуанг беше на сцената на All-In Summit во Лос Анџелес кога пристигна телефонскиот повик од Доналд Трамп. Шефот на Nvidia не се повлече зад сцената за да разговара со претседателот, туку го стави телефонот на звучник и му овозможи на Трамп директно да ѝ се обрати на публиката. Следуваа смеа и аплауз додека американскиот претседател зборуваше за АИ, роботите и технолошката трка со Кина.

Хуанг практично стана водител на импровизираното претседателско вклучување. Му поставуваше прашања на Трамп, а разговорот брзо се претвори во јавна демонстрација на нивната заедничка порака дека Америка не смее да ја забави АИ-трката. Најголема реакција предизвика Трамп кога ги исмеа апокалиптичните сценарија за вештачката интелигенција и рече дека роботите нема да го преземат светот. Така, телефонски повик што можеше да остане приватен разговор меѓу претседателот и еден од најмоќните луѓе во технолошката индустрија, за неколку минути се претвори во политичка порака пред цела сала — и во ефектна контра на предупредувањата што претходните денови ги испратија Дарио Амодеи, Сем Алтман и Илон Маск.

Што вели првиот човек на Nvidia?

Трамп сепак остави мала ограда, велејќи дека со технологијата треба да се постапува внимателно и разумно. Но, неговата главна порака беше недвосмислена: Вашингтон не треба да ја запре индустријата поради стравувања од идни катастрофални сценарија. Според него, кампањата за забавување на развојот може да им оди во прилог на политички противници на АИ-бумот, но и на Кина, која се натпреварува со САД за технолошка надмоќ.

Хуанг практично застана на истата страна. Шефот на Nvidia, му порача на Трамп дека нема да дозволат американската АИ-трка да биде запрена. Сепак, неговата позиција е понијансирана од онаа на претседателот. Хуанг смета дека треба сериозно да се слушаат луѓето од самите компании кои предупредуваат на конкретни проблеми, но ги отфрла апокалиптичните прогнози за уништување на човештвото како тврдења што не се поткрепени со наука. Компаниите кои сметаат дека пребрзо напредуваат, според него, можат доброволно да го забават темпото.

Два табора во америланската АИ битка

Телефонскиот спектакл дојде само два дена откако Дарио Амодеи, шефот на Anthropic, предизвика потрес во технолошката индустрија со повик да се забави развојот на најмоќните АИ-системи. Амодеи предупреди дека способностите на моделите растат толку брзо што компаниите може да ја изгубат можноста безбедно да управуваат со нив. Меѓу неговите предлози се независни проверки на безбедноста, поголема координација меѓу компаниите и механизми што ќе овозможат тие да соработуваат околу безбедноста без страв дека ќе бидат обвинети за картелско однесување.

Најголемото изненадување беше што зад Амодеи застанаа луѓе кои инаку жестоко се натпреваруваат со него. Сем Алтман од OpenAI рече дека ја поддржува идејата водечките компании да го „усогласат темпото на фронтот” и најави независни оценувачи со широк пристап до системите. Илон Маск беше уште пократок: „Дарио е во право”. Предупредувањата за ризиците ги поддржаа и други истакнати луѓе од АИ-индустријата, иако нема целосна согласност околу тоа колку и на кој начин треба да се забави развојот.

Така за само неколку дена се исцртаа два табора во американската АИ-битка. На едната страна се Амодеи, Алтман, Маск и други истражувачи кои предупредуваат дека способностите на новите системи растат побрзо од механизмите за нивна контрола. На другата страна се Трамп и Хуанг, кои стравуваат дека политички наметнато забавување ќе ја поткопа американската предност и ќе ѝ отвори простор на Кина. Спорот веќе излегува од лабораториите и од Силициумската долина и станува политичко и економско прашање.

Трамп избра страна во „војната“

Зад идеолошката расправа стојат и огромни пари. Nvidia е еден од најголемите добитници од АИ-бумот, бидејќи нејзините графички процесори се основната инфраструктура врз која се тренираат и работат најмоќните модели. Секое сериозно забавување на изградбата на дата-центри и на развојот на нови модели потенцијално значи и помала побарувачка за скапите АИ-чипови. Трамп во разговорот со Хуанг дата-центрите ги нарече „нафтата на следните 20 или 25 години”, а за вештачката интелигенција рече дека е поголема од интернетот.

Берзите веќе покажаа колку се чувствителни на оваа расправа. Во понеделникот акциите на Nvidia паднаа за околу 3,4%, Micron загуби 5,3%, а Marvell 7,3%. Индексниот фонд што го следи американскиот сектор на полупроводници падна 5,6%. Под притисок беа и компаниите што обезбедуваат инфраструктура за АИ, додека инвеститорите почнаа да пресметуваат што би значело евентуално забавување на трката за огромните инвестиции во чипови и дата-центри.

Реакцијата не значи дека Волстрит веќе очекува крај на АИ-бумот. Аналитичарите предупредуваат дека засега нема доказ дека големите компании навистина ги намалуваат инвестициите, а самиот Амодеи не предлага запирање на развојот. Но, пазарот првпат толку јасно реагираше на можноста дека брзината со која се трошат стотици милијарди долари за АИ-инфраструктура може да стане политичко, безбедносно и регулаторно прашање.

Затоа телефонскиот повик на Трамп до Хуанг е повеќе од ефектен момент од една технолошка конференција. Американскиот претседател практично избра страна во спорот што може да ја одреди следната фаза на АИ-револуцијата: дали компаниите ќе продолжат со максимална брзина во трката со Кина или ќе прифатат ограничувања додека подобро не ги разберат ризиците на системите што самите ги создаваат.

Лек за паниката на берзите

Првата реакција на Волстрит покажува дека пораката на Трамп и Хуанг барем привремено делуваше како противотров за АИ-паниката. По вчерашниот пад од 3,4%, Nvidia денес се врати во плус за повеќе од 1%, а закрепнува и поширокиот сектор на полупроводници, иако главните американски индекси останаа во минус.

Пазарните аналитичари оценуваат дека инвеститорите засега не веруваат оти повиците на Амодеи, Алтман и Маск навистина ќе доведат до забавување на АИ-трката. Телефонскиот спектакл на Трамп и Хуанг затоа доби и многу конкретна берзанска димензија: Белата куќа му порача на Волстрит дека нема намера да ја притисне сопирачката на американскиот АИ-бум.

Поврзани содржини