НЕКОЈ СЕ ОБИДЕ ДА ГИ СКАРА ЧЕШКА И ПОЛСКА СО ЛАЖНИ ВЕСТИ Професионална кампања наметнува впечаток дека Полска сака да анектира чешка територија?

Биле креирани лажни верзии од веб-страниците на чешкиот јавен радиодифузен сервис, како и лажен профил на социјалните мрежи кој наводно му припаѓал на чешкиот амбасадор во Варшава.

0

Чешкиот премиер Андреј Бабиш остро ги критикуваше домашните разузнавачки служби, оценувајќи дека Службата за надворешно разузнавање (УЗСИ) „потфрлила“ бидејќи доцнела со информирањето за организирана дезинформациска кампања чија цел била да создаде раздор меѓу Чешка и Полска преку лажни вести за наводни полски претензии за анексија на чешка територија.

– Требаше да ги имам овие информации многу порано – изјави Бабиш по седницата на владата, упатувајќи директни критики до разузнавачите.






Инцидентот го предизвика интернет-кампања дизајнирана да создаде впечаток дека Полска сака да анектира дел од чешката територија. Во рамките на операцијата биле креирани лажни верзии од веб-страниците на чешкиот јавен радиодифузен сервис, како и лажен профил на социјалните мрежи кој наводно му припаѓал на чешкиот амбасадор во Варшава.

Безбедносните експерти се сомневаат дека станува збор за професионално организирана операција. Сè уште не е потврдено дали зад неа стои Русија, но се напоменува дека и Чешка и Полска се членки на НАТО и важат за силни поддржувачи на Украина.

Бабиш реагираше на дезинформациите со споделување на порака од полскиот премиер Доналд Туск на мрежата „Икс“, во која јасно се истакнува дека двете земји се цврсти сојузници.

Според последниот попис од 2021 година, околу 38.000 лица во Чешка се изјасниле како припадници на полското малцинство, додека во Полска истата година 7.800 лица изјавиле дека се дел од чешкото малцинство. Чешкото малцинство е и официјално признаено со полскиот Устав.

Од потпишувањето на договорот за границата меѓу Полска и тогашна Чехословачка во 1958 година, спорот околу територијалните претензии главно се смета за затворен. Со тој договор границата беше утврдена по текот на реката Олза, притока на Одра, која претходно беше извор на остри спорови. Сепак, националистичките политичари и натаму повремено повикуваат на промени на граничната линија.

Поврзани содржини