НЕБАНКАРСКИТЕ ФИНАНСИСКИ ИНСТИТУЦИИ РАСПОЛАГААТ СО ОКОЛУ 5,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Најмногу ги вложуваат во должнички хартии од вредност

Најголемо учество во структурата на ОФИ имаат пензиските фондови со 63,7%, а по нив следуваат осигурителните друштва со 13,5%. 

2

Небанкарските финансиски институции познати како останати финансиски институции(ОФИ) во вториот квартал од годинава располагале со 336,4 милијарди денари (околу 5,469 милијарди евра), што претставува квартален раст од 7,2% и годишно зголемување од 22,1%, покажуваат најновите податоци на Народна банка.

Овие институции учествуваат со 23,3% во вкупните средства на финансиските институции во земјата.






Најголемо учество во структурата на ОФИ имаат пензиските фондови со 63,7%, а по нив следуваат осигурителните друштва со 13,5%.

Средствата на пензиските фондови достигнале 214,3 милијарди денари (3,48 милијарди евра) и се зголемени за 8 % на квартално и за 21% на годишно ниво, главно поради повисоки вложувања во сопственички и должнички хартии од вредност.

Средствата на инвестициските фондови бележат највисок раст меѓу поголемите потсектори и изнесуваат 35,6 милијарди денари (578,6 милиони евра), што е за 12,3% повеќе на квартално и за 44,2% на годишно ниво.

Истовремено, средствата на осигурителните друштва се зголемени за 3% квартално и за 8,8% годишно.

Кај финансиските друштва е регистриран квартален пад на средствата од 1,1%, иако на годишно ниво е забележан раст од 30,3%.

Средствата на друштвата за финансиски лизинг се повисоки за 4,8% на квартално и за 21,7 % на годишно ниво.

Најбрз раст имаат друштвата за управување со пензиски и инвестициски фондови чии средства достигнале 69,04 милиони евра, што е зголемување од 27,5% за еден квартал и 50,9% за една година.

Најголем дел од средствата на ОФИ се пласирани во должнички хартии од вредност, кои учествуваат со 49,3%, и во сопственички хартии од вредност со учество од 28,5%

На страната на обврските, најголем удел имаат техничките резерви на осигурувањето со 49,4% и капиталните сметки со 40,4%.

Останатите финансиски институции (ОФИ) се финансиски субјекти кои не се класифицирани како класични банки или централна банка. Тоа се главно пензиски друштва, осигурителни компании, друштва за финансиски лизинг  и финансиските друштва.

Поврзани содржини