🎥 МИГОВИ ГО ДЕЛЕА КУКЛИШ ОД ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА Струмичките пожарникари ги одбранија селото и оранжериите

334

Мигови го делеа Куклиш од огромна трагедија, објави фејсбук-страницата Пожарникари струмица за тешката борба што ја водеа синоќа со голем пожар.

„Огромен пожар ја зафати периферијата на село Куклиш, а под налетите на екстремно силниот ветер огнот опасно се приближи до првите куќи и оранжерии. Благодарение на брзата, координирана и пожртвувана интервенција на пожарникарите-спасители, пожарот е ставен под контрола и спречено е негово понатамошно ширење. Заедно, навреме и без откажување – заштитени се домовите и имотот на граѓаните“, објавија струмичките пожарникари.






Страницата информира дека синоќа околу 21 часот, во речиси ист временски интервал избувнаа неколку пожари и тоа во атарите на селата Банско, Моноспитово, Баница и Куклиш.

„Веднаш на локациите беа упатени 35 пожарникари-спасители од ТППЕ Струмица и 7 ПП возила. Поради екстремно силниот ветар, речиси на сите локации пожарите се ширеа со огромна брзина“, соопштија струмичките пожарникари.

Тие побарале помош од противпожарните единици од Радовип и од Валандово, а напомош дошле и екипи ид ЈПКД Комуналец со тешка механизација и цистерни со вода.

Сите пожари се  локализирани за релативно кратко време после пристигнувањето на терен.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска соопшти дека вчера имаше над 30 пожари на отворен простор.

– Бројот на пожарите не стивнува. Затоа уште еднаш упатувам апел до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидејќи и најмала искра може да предизвика голема катастрофа – рече Ангелов.

Иако метеоролозите за денеска и за утре попладне најавија локални врнежи, Ангелов предупредува дека опасноста од пожари останува висока поради исклучително сувата вегетација.

Пожарот што веќе неколку дена гори на планината Жеден се движи во правец на селото Радуша. Огнот зафаќа тешко пристапен, карпест терен со грмушки и трње, но засега, според Ангелов, нема директна опасност за ниту едно село.

Поврзани содржини