АМЕРИКАНЦИТЕ МУ СПРЕМААТ „ЦРВЕН КАРТОН“ НА ВУЧИЌ Во Конгресот предложени санкции против претседателот на Србија
Од Вучиќ се бара да одговори на барањата на студентите против корупцијата и да ги прекине врските со Русија, Кина и со Иран.
Двајца членови на Комитетот за надворешна политика на Долниот дом на американскиот Конгрес, републиканец и демократ, денеска претставија закон со кој се бара воведување санкции против претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доколку тој не одговори на барањата на студентите против корупцијата и не ги прекине врските со Русија, Кина и Иран.
Џо Вилсон, републиканец од Јужна Каролина, и Бил Китинг, демократ од Масачусетс, презентираа закон со кој се бара воведување санкции и забрана за издавање визи на лица кои ги поткопуваат демократските процеси, мирот, стабилноста и територијалниот интегритет на Западен Балкан, објави вашингтонскиот весник „The Hill“.
Вилсон изјави за „The Hill“ дека Србија под водство на Вучиќ „намерно дополнително се дистанцирала од владеењето на правото и се приближила до непријателите на слободата, како што се воениот злосторник (рускиот претседател Владимир) Путин, Кинеската комунистичка партија и терористичкиот режим во Техеран“.
– И покрај широките протести поради корупција, владата на Вучиќ се заканува да го дестабилизира регионот. Народот на Србија заслужува подобро од тоа – рече Вилсон.
– Демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата мора да останат клучни столбови во односите меѓу САД и Србија – рече Китинг.
Во текстот на законскиот предлог, Вучиќ е директно повикан да одговори за прекумерната употреба на сила против демонстрантите, бара истрага и одговорност за падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад и изразува загриженост за продлабочувањето на врските на Србија со Иран, Русија и Кина, се наведува во весникот.
– Траен интерес на САД е стабилна, демократска и суверена Србија која е посветена на мирот и безбедноста во регионот, цврсто вкоренета во евроатлантските институции и ослободена од малигни надворешни влијанија – се вели во законот, пренесе Бета.
Критикувањето на Вучиќ во законот е „во остра спротивност со генерално топлиот однос што долгогодишниот српски лидер го има со американскиот претседател Доналд Трамп“, истакнува весникот и додава дека иницијативата на Вилсон и Китинг служи како порака за солидарност со студентските протести во Србија.
Весникот, исто така, наведува дека Вучиќ најавил одржување парламентарни избори во октомври, но дека постои загриженост дали тие ќе бидат слободни и фер или дали српскиот лидер ќе ги искористи за консолидирање на власта во земјата.