АВТОПАТОТ СКОПЈЕ-БЛАЦЕ ЌЕ НЀ ПОВРЗЕ СО ДВЕ ПРИСТАНИШТА – ДРАЧ И БАР Македонија станува крстосница на Балканот
Почнува нов проект којшто за неколку години ќе донесе дополнителен развој и силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на поставувањето камен-темелник за изградбата на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри.
Проектите како автопатот Скопје-Блаце чија изградба ја почнуваме денеска се резултат на јасната политика и визија на Владата за развој на државата, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на поставувањето камен-темелник за изградбата на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце, во должина од 10,5 километри.
Николоски посочи дека почнува нов проект којшто за неколку години ќе донесе дополнителен развој и силно поврзување на нашата држава со Косово и со Црна Гора. Автопатот ќе овозможи отворање кон најмалку две пристаништа – дополнително отворање кон пристаништето Драч и отворање кон пристаништето Бар и уште поголемо зацврстување на Македонија како крстосница на Балканот.
Сите овие проекти, посочи вицепремиерот Николоски, можат да се случат само и доколку има јасна политика и јасна визија за развој на државата.
– Кога оваа Влада беше формирана во 2024 година, јасната политика и визија на премиерот Христијан Мицкоски беше дека Македонија треба да стане крстосница на Балканот, да ја искористиме нашата уникатна положба каде што два паневропски коридори — Коридорот 8 (исток-запад) и Коридорот 10 (север-југ) се пресекуваат, а на нив се надоградуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6 којшто води од тука, и на тој начин да можеме државата да ја направиме срце на Балканот. Денеска почнуваме таков проект којшто оди во таа насока и само со една таква јасна политика и јасна визија ова може да се случи, затоа што секоја Влада има различни приоритети. Приоритетот на оваа Влада е напредок, соработка, економски развој и на тој начин развој на државата и на целиот регион – рече Николоски, забалагодарувајќи се на поддршката за реалзизацијата на проектот.
Новите километри автопат, на потегот од Стенковец до веќе изградениот 1,5 километар автопат, треба да бидат готови за 4 години. Ќе го гради домашната градежна компанија „Гранит“ АД Скопје. На автопатот ќе има 5 тунели, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови.
Финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант средства за проектантите Hill International и ADT Omega.
На свеченоста присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, неговиот косовски колега Албин Курти, вицепремиерите Љупчо Димовски и Беким Сали, министри, пратеници, претставници на меѓународните финансиски партнери во проектот и амбасадори.