10,5 КИЛОМЕТРИ НОВА ТРАСА, ПЕТ ТУНЕЛИ И ОСУМ МОСТОВИ Стартува изградбата на втората делница од автопатот Скопје-Блаце
Втората делница од автопатот Скопје-Блаце ќе се гради четири години, а по завршувањето ќе се спои со веќе изградените 1,5 километри кај граничниот премин „Блаце“.
Стартуваа градежните активности за втората фаза од автопатот Скопје-Блаце во должина од 10,5 километри, која треба да биде готова за четири години и да се спои со веќе изградените 1,5 километри автопат во близина на ГП „Блаце“. На автопатот ќе има 5 тунели, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови. Ќе го гради домашната градежна компанија „Гранит“ АД Скопје.
Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) – главен носител на проектот, посочи дека денеска се поставува камен-темелник на најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10,5 километри ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии на комплексен ридско-планински терен кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите.
– Денес не поставуваме само камен-темелник на еден автопат, туку поставуваме темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа. Со отпочнувањето на изградбата на автопатот Скопје–Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од околу 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Со изборот на „Гранит“ за изведувач се создадоа конкретни услови за поставување на овој камен-темелник. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што не поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и Србија преку Косово – рече Трајановски.
Финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант средства за проектантите „Hill International“ и „ADT Omega“.
Трајановски информира дека автопатот ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од околу 27,5 метри.
– Ова е најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10,5 км ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии и кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите. Поради сложениот ридско-планински терен, проектот предвидува изградба на: 5 тунели со лева и десна цевка, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии, 9 потпорни ѕидови. Рокот за изградба е 4 години – рече Трајановски.
Тој посочи дека автопатот Скопје–Блаце ќе го скрати времето на патување, ќе ја зголеми безбедноста и ќе ги намали трошоците за одржување на возилата, додека постојниот пат ќе остане како алтернативна врска за локалното население и другите граѓани.
На поставувањето на камен темелникот присутни се премиерите на Македонија и Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, претставници на меѓународните финансиски партнери во проектот, владини функционери, пратеници, амбасадори.