📽️ ГОРИ ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ РАФИНЕРИИ ВО ЈУЖНА РУСИЈА Украина повторно удри врз енергетската инфраструктура

Остатоци од беспилотни летала паднале врз железничката станица „Афипски“, при што загинале две лица, а две биле повредени. Рафинеријата главно работи за извоз и во 2024 година преработила 7,2 милиони тони сурова нафта.

95

Рафинеријата „Афипски“ во јужниот руски регион Краснодар се запали по напад со беспилотни летала, јавува „Ју Ес њуз“, повикувајќи се на Ројтерс. Регионалниот гувернер Венијамин Кондратиев на Телеграм соопшти дека две лица загинале, додека двајца се повредени.

Жртвите не биле во самата рафинерија. Според Кондратиев, остатоци од беспилотни летала паднале врз железничката станица „Афипски“.






Снимки објавени од локални жители наводно покажуваат голем пожар во областа на рафинеријата. Во Краснодар била прогласена воздушна тревога.

Украинската војска засега не го коментираше нападот.

144.000 барели сурова нафта дневно

„Афипски“ е една од големите рафинерии во јужна Русија и главно е ориентирана кон извоз.

Во 2024 година преработила 7,2 милиони метрички тони сурова нафта, односно околу 144.000 барели дневно. Во последните месеци неколкупати била цел на украински беспилотни летала.

 

Украина ги напаѓа руските рафинерии и друга енергетска инфраструктура. Киев настојува да го наруши снабдувањето за руската војска и да ги намали приходите со кои Москва ја финансира војната.

„Перм“ запре со работа

Новиот напад следува само четири дена по ударот врз рафинеријата „Перм“.

Украински беспилотни летала ја нападнаа на 21 август. Пожарот и оштетувањата на технолошките единици довеле до прекин на работата, според два индустриски извори на Ројтерс. „Перм“ е седма најголема руска рафинерија според обемот на преработка.

Руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта дејствувала и во близина на рафинеријата „Новошахтинск“ во Ростовската област. Засега нема потврдени информации за штета на тој објект.

Поврзани содржини