БУГАРИЈА ПЛАЌА ЗА ПРЕСЕЛБА ВО МАЛИТЕ ГРАДОВИ „Ја избирам Бугарија” нуди шест просечни плати, кирија и патни трошоци
Стимулациите за повратниците од странство дадоа поголеми ефекти од очекуваните. Затоа сега Бугарија со оптимизам влегува во вториот дел од програмата, насочување на работоспособното население кон помалите места. Што може да промени оваа програма?
Бугарија од есен ја отвора втората компонента од амбициозната програма „Ја избирам Бугарија”, со која државата ќе се обиде да насочи работоспособно население од големите градови кон помалите места во земјата. За најмалку 1.050 луѓе и нивните семејства се предвидени пари за преселување, кирија, патување до работното место и голем еднократен бонус за оние што ќе останат вработени. Буџетот на оваа, втора компонента на програмата е 15 милиони евра.
Програмата, всушност, не почнува од нула. Нејзината прва компонента стартуваше во септември 2025 година и беше наменета првенствено за Бугари кои живеат во странство и сакаат да се вратат.
Многу повеќе повратници од странство од очекувањата
Можат да учествуваат Бугари што живееле најмалку 12 од последните 18 месеци во странство, луѓе од бугарско потекло, како и лица што неодамна завршиле образование во друга земја. Целта е тие да се вратат, да најдат работа и трајно да се населат во Бугарија.
За оваа цел се понудени сериозни финансиски стимулации: помош за преселување на покуќнината, додаток за сместување до 12 месеци, транспорт до работното место и бонуси ако човекот остане вработен. На пример, за преселување од земја во ЕУ се покриваат трошоци до 5.000 лева, а од земја надвор од ЕУ до 10.000 лева.
Според официјални извори, интересот повеќекратно ги надминал очекувањата. Биле очекувани околу 870 семејства, а се пријавиле 4.142 кандидати, од кои 1.884 биле одобрени. Над 1.500 од одобрените биле на возраст меѓу 30 и 40 години. Најмногу се вратиле од Велика Британија и од Германија, но има повратници и од САД, Канада, Австралија, Јапонија, Кина, ОАЕ и од Јужна Африка. Меѓу нив има наставници, лекари, ИТ-стручњаци, инженери, сметководители и банкарски работници.
Многу е важно тоа што повратниците не оделе само во Софија и во Пловдив. Дел се населиле во Видин, Монтана, Враца, Плевен, Велико Трново, Русе, Габрово, Разград, Силистра, Хасково, Крџали и во Пазарџик. Тоа значи дека првата компонента веќе делумно го постигнува она што втората ќе се обиде да го направи директно – да внесе работоспособни луѓе и квалификувани кадри надвор од најголемите економски центри.
Силен поттик за внатрешната миграција на населението
Компонентата 2, што стартува оваа есен, е наменета за внатрешна миграција – луѓе во работоспособна возраст, кои сега живеат во градови со повеќе од 50.000 жители, а се подготвени да се преселат и да работат во населено место со помалку од 50.000 жители. Пријавувањето ќе биде онлајн, преку бугарската Агенција за вработување.
Финансиската понуда не е симболична. За преселување на покуќнината може да се добијат до 480 евра, а ако кандидатот нема сопствено живеалиште во местото каде што се сели, државата ќе исплаќа по 207,58 евра месечно, најмногу една година, за кирија, режиски трошоци и интернет. Ако работното место е во друго населено место, следуваат и 4,09 евра за секој одработен ден за превоз до работа, исто така до една година. Дел од помошта е условена со задржување на вработувањето, па програмата не е замислена само како субвенција за преселување.
Најсилниот мамец е бонусот за луѓето што навистина ќе останат да работат. По докажани вкупно осум месеци вработување во период од една година, учесникот може да добие еднократен стимул во висина од шест просечни плати во Бугарија за соодветната година. За семејствата со малолетни деца сумата дополнително се зголемува: со коефициент 1,1 за едно, 1,2 за две и 1,3 за три или повеќе деца. Кандидатот во принцип сам треба да најде работа, но може да побара посредување и од Агенцијата за вработување.
„Сакаме луѓето да имаат можност да работат и да живеат во помалите населени места, на помирно место, понекогаш со подобра социјална инфраструктура и повеќе можности за детски градинки”, изјави во јуни бугарската министерка за труд и социјална политика Наталија Ефремова, најавувајќи ја втората фаза. Замислата е парите да не бидат единствен мотив: преселувањето треба да биде поврзано со работно место и со реално останување во новата средина.
Потребата од работници во помалите бугарски средини е видлива и од актуелните огласи. Во областа Трговиште, на пример, меѓу најбараните високообразовани кадри се лекари, медицински сестри, наставници и инженери. Само во општина Трговиште моментално се бараат шест медицински сестри, наставник по англиски јазик, геолог и геодет. Сличен недостиг на квалификуван кадар се регистрира подолго време, а во јуни годинава 32,4 отсто од бугарските индустриски претпријатија го навеле недостигот на работна сила како фактор што им го отежнува работењето.
Финансиските стимулации даваат ефект
Првиот дел од „Ја избирам Бугарија” – стимулирање на повратниците од странство – покажа дека финансиските стимулации можат да предизвикаат значителен интерес. За првиот компонент до јуни биле исплатени повеќе од 463.000 евра различни стимулации. Само 315 учесници добиле вкупно 232.844 евра како бонус по првите шест месеци работа, 164.296 евра биле исплатени за сместување, околу 46.000 евра за преселување, а нешто повеќе од 20.000 евра за превоз до работното место.
„Интересот за мерката Ја избирам Бугарија е голем. Консултации за програмата даваме секојдневно”, изјави претходно Тања Минчева од Бирото за труд во Разград, каде интерес покажувале и луѓе што сакале од Софија да се преселат во помали населени места.
Демографската слика на Бугарија е очајна
Сепак, од програмата не може реално да се очекува пресврт на бугарската демографска слика. Бугарија на крајот од 2025 година имала 6,42 милиони жители, а само во една година бројот се намалил за околу 14.000. Уште повпечатлива е географската нерамнотежа: 41,4 отсто од населението живее во само осум општини со повеќе од 100.000 жители, додека 147 од вкупно 265 општини имаат помалку од 10.000 жители. Во земјата има 192 населени места без ниту еден жител, а во уште 1.280 живеат меѓу еден и 49 луѓе. Наспроти најмалку 1.050 планирани учесници во новата мерка стои природно намалување на населението од 49.238 луѓе само во 2025 година.
Реалниот ефект затоа веројатно ќе се гледа на локално, а не на национално ниво. Ако во мал град во кој со месеци нема лекар, медицинска сестра, наставник или инженер дојдат неколку семејства со такви професии, промената за таа средина може да биде значајна. „Ја избирам Бугарија” сама по себе нема капацитет да го запре стареењето и празнењето на цели региони, но може да покаже дали комбинацијата од работно место, платена кирија, транспорт, помош за преселување и бонус од шест просечни плати е доволна за дел од луѓето доброволно да го заменат животот во Софија и другите големи центри со живот во помал бугарски град.