ИДНИОТ БРИТАНСКИ КРАЛ ВО СЛАВНИОТ КОЛЕЏ ИТОН Принцот Џорџ мора да прифати една забрана од која секој тинејџер би се ужаснал

Внукот на кралот Чарлс, син на принцот Вилијам и на Кејт, од септември ќе се всели во престижниот колеџ Итон. Овој колеџ има многу предности, но и една маана поради која денешните тинејџери би се откажале и од кралска круна за да не се измачуваат.

0

Принцот Џорџ во септември ќе направи голем чекор кон животот што го чека како иден британски крал – на 13 години ќе стане ученик во славниот Итон, истото елитно училиште во кое учеле неговиот татко, принцот Вилијам, и неговиот чичко, принцот Хари. Но зад портите на едно од најпознатите училишта во светот го чека правило што за просечен тинејџер од 2026 година звучи речиси сурово – паметните телефони се забранети!

Учениците од прва година во Итон не смеат да користат смартфони. Наместо нив добиваат основни „Нокиа“ телефони, популарно наречени „цигли“ (brick phones), со кои можат да разговараат и да испраќаат пораки, но без вообичаениот пристап до интернет и до апликациите на паметните телефони. Правилото е воведено по ревизија на политиката за дигитални уреди, со образложение дека училиштето бара рамнотежа меѓу придобивките и проблемите што технологијата ги носи во образованието.






За Џорџ ова можеби сепак нема да биде толку голем шок. Принцот Вилијам јавно откри дека неговите три деца немаат свои паметни телефони и призна дека ова веќе станало предмет на тензии во семејството. Неговиот став е дека обичен телефон за разговори и пораки е прифатлив, но дека интернетот на 13-годишно дете му отвора пристап до содржини што родителите тешко можат да ги контролираат. Во Итон, значи, Џорџ ќе ја продолжи дигиталната диета што веќе ја држи дома.

Во Итон ни кралот не смее да доцни на часови

Смартфонот не е единственото нешто од кое новиот ученик ќе мора да се откаже. Итон останува необична мешавина од врвно образование, привилегии и правила што на моменти изгледаат како да преживеале од друго време. Училиштето е основано во 1440 година од кралот Хенри Шести, има 25 интернатски куќи со по околу 55 ученици, а Џорџ ќе живее таму како и другите момчиња. Годишната школарина за 2026/27 изнесува 65.673 фунти со ДДВ – 21.891 фунта за секој од трите термини.

Во Итон нема ни кралско доцнење. Според информациите за режимот што го очекува Џорџ, идниот монарх треба да биде третиран како и другите ученици и може да добива дисциплински мерки за доцнење, лошо завршени задачи или кршење на правилата. Новите ученици ги чека и традиционалниот „colours test“ – мора да ги научат боите на 25-те интернатски куќи, локациите во огромниот комплекс и дел од специфичниот, понекогаш архаичен речник на Итон.

Аууу… забрането е секакво фотографирање!

Непосредно пред неговото доаѓање се појави уште едно правило што привлече внимание. На оградите на Итон се поставени нови знаци „No Photography“ – забрането фотографирање, во обид да се заштити приватноста на учениците пред очекуваната медиумска опсада по доаѓањето на идниот крал. Сличен проблем имаше и кога Вилијам пристигна во Итон во 1995 година, кога со британските медиуми беше постигнат неформален договор да му се остави простор за колку што е можно понормален школски живот.

Но Итон зад беспрекорните фракови и вековната традиција има и контроверзна историја. Училиштето со векови е симбол на британската елита и критичарите го посочуваат како една од институциите што ја репродуцираат класната привилегија – место каде што се создаваат пријателства и врски кои подоцна продолжуваат во политиката, бизнисот и јавниот живот. Низ неговите училници поминале дури 20 британски премиери, како и голем број аристократи и членови на кралското семејство.

Колеџот има и непријатна историја на привилегирање на машките ученици

Имало и многу понепријатни случаи. Во 2022 година Итон мораше безрезервно да се извини откако ученички од државно училиште, поканети на предавање на Најџел Фараж, пријавија дека биле изложени на мизогини и расистички навреди од дел од момчињата. Училиштето соопшти дека таквото однесување е целосно неприфатливо и дека по истрагата биле санкционирани повеќе ученици. Случајот повторно ја отвори старата критика за културата на машката привилегија во најпознатото британско машко училиште.

Итон во минатото се најде во центарот и на спор околу слободата на говорот, откако во 2020 година професорот Вил Ноуленд беше отпуштен по конфликт со раководството околу негово предавање за патријархатот и феминизмот. Случајот ги подели поранешните ученици и професорите – едни тврдеа дека училиштето задушува непопуларни ставови, додека други содржината на предавањето ја оценија како мизогина. Контроверзиите се необичниот контрапункт на институцијата која и денес се претставува како школа за идните британски лидери.

Принцот Џорџ, кој на 22 јули наполни 13 години и е втор во редот за британскиот престол, така ќе влезе во свет во кој привилегијата оди во пакет со строга дисциплина. Ќе носи традиционална итонска униформа, ќе живее во интернат, ќе учи со некои од најпривилегираните деца во Британија и еден ден можеби ќе стане крал. Само што, барем во првата година, круната му е поблиску од смартфонот.

Поврзани содржини