ВЛАДИМИР КЛИЧКО СЕ ОГЛАСИ ПО СМРТТА НА СВОЈАТА ПОРАНЕШНА ПАРТНЕРКА ХЕЈДЕН ПАНЕТИЈЕР „Беше важен дел од мојот живот и мајка на нашата ќерка Каја“

Поранешниот светски боксерски шампион за првпат јавно се огласи по ненадејната смрт на актерката и неговата поранешна свршеница, со која ја има 11-годишната ќерка Каја.

0

Владимир Кличко за првпат се огласи по трагичната смрт на Хејден Панетијер, неговата поранешна свршеница и мајка на нивната 11-годишна ќерка Каја. Поранешниот светски шампион во бокс на социјалните мрежи објави емотивна порака во која се прости од актерката и се присети на годините што ги поминале заедно.

– Нашето семејство минува низ период на длабок шок и тага. Веста за трагичната смрт на Хејден длабоко ме растажи. Таа си замина од овој свет прерано. Иако повеќе не беше моја партнерка, Хејден беше важен дел од мојот живот и мајка на нашата ќерка Каја – напиша Кличко.






Во пораката тој се осврна и на нејзината кариера, но и на тешкотиите со кои актерката се соочувала во приватниот живот.

– Таа изгради неверојатна кариера благодарение на огромниот талент, а истовремено се соочуваше и со мрачните страни на една многу тешка индустрија. Ништо нема да го избрише времето што го поминавме заедно, ниту местото што го имаше во нашите животи – порача Кличко.

Посебно емотивен е делот посветен на нивната ќерка Каја, која е родена во декември 2014 година. Кличко вети дека ќе се погрижи девојчето со почит и љубов да се сеќава на својата мајка.

– На нашата ќерка Каја секогаш ќе ѝ зборувам за нејзината мајка со почит и ќе се погрижам да ја памети личноста каква што беше – напиша тој.

Кличко упати сочувство и до родителите, пријателите и обожавателите на актерката, нагласувајќи дека нејзината смрт е огромна загуба.

– Младите и талентирани луѓе како Хејден не би требало да го напуштаат овој свет толку рано. Ги молам сите да ги почитуваат чувствата и приватноста на нашето семејство во овој неверојатно тежок период. Засега, ова е сè што сакам да кажам – порача поранешниот боксерски шампион.

На крајот тој им се заблагодари на сите кои му упатиле сочувство и му дале поддршка на семејството, а пораката ја заврши со едноставно и емотивно збогување:

– Почивај во мир, Хејден. Да го најдеш вечниот мир.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Klitschko (@klitschko)

Хејден Панетијер почина на 16 август 2026 година на 36-годишна возраст. Таа и Кличко започнаа врска во 2009 година, се свршија во 2013 година и ја добија ќерката Каја во 2014 година. По разделбата, во 2018 година, Кличко ја доби примарната грижа за нивната ќерка, додека Панетијер се лекуваше од проблеми поврзани со зависноста и постпородилната депресија.

Поврзани содржини