Отровна јавна сцена
Кој и кога на оние слепци им го дал правото најпростачки да навредуваат други заради нивните политички погледи и избор? И дали тоа „право“ се однесува токму на онакви крајно хејтерски „опсервации“ на македонското секојдневие?
Насловот можеше да биде и „кои се трујачите?“, но премногу ќе асоцираше на, на пример, Гостивар, а јас воопшто немам намера да се занимавам со нив зашто тие се познати. И сегашните и минатите. Ниту со приказните што ги раскажуваше еден лик за некои други места, а коишто, се покажа, тој добро ги знаел од времето кога министеруваше. Па ни за Рашче, со коешто се бави органот надлежен за оние кои јас овде ќе ги нарекувам – трујачи на јавноста!
Тоа е таа друга врста трујачи – оние на јавниот простор – кои се еднакво опасни како и оние другине, зашто им се достапни механизмите (или медиумите, како сакате) да го шират отровот низ државата. И многу се осетливи: не дај боже некој да им пререче нешто или накриво да ги погледне. Мислат дека се од Господа пратени неказнето да шират лаги, клевети и секакви други безобразлуци, а за оние кои ќе се осмелат да противречат или да ги појаснат нештата – веднаш бараат казни. Ригорозни.
А уживаат да се претставуваат како „седма сила“. Тоа им е извонредна маска, дури штит, за сите простотилаци, гнасотии, подметнувања, манипулации… Поточно, наспроти вистинските новинари, локалниве продавачи на лаги и соодветната подопашна партиска клиентела се сѐ друго само не она што под „седма сила“ се подразбира во цивилизираната јавност. Просто е неверојатно и непознато во светот на журнализмот една локална „шака јада“ која се претставува како новинари за сите нешта да мисли исто или слично, а како по команда текстовите да им наликуваат на оние прогласи од некогашните болшевички партиски пропагандни штабови, со исти или слични акценти, аналогии, „предупредувања“…! Зарем не им се смачува од тоа едноумие чии пропагандисти беа и пред 35 години? Цел живот во една единствена лага?!
Кога Такер Карлсон вели дека вистинската битка не е само геостратешка туку е и духовна, тој знае што говори. Но и „нашиве“ мислат дека знаат па војуваат со секоја реченица, со секој збор. Забораваат дека суштината на новинарството, барем на она сериозното, се информацијата и фактите а не таблоидната војна со зборови?! Ако пак информацијата и фактите тежнеат кон вистината, зарем таа се наоѓа само во партиските прогласи? За голем дел од македонските „новинари“, како и за локалнава песнопојна „пајтон интелигенција“ има само една страна на вистината: онаа партиската, „идеолошката“, лукративната. Сѐ друго е непожелно, сѐ друго е говор „за предавства, талог, омраза, цинизам“. Обвинувајќи ги другите, особено високите државни функционери, за говор насочен „кон оние што не мислат како него и неговата партија“, остануваат едноумно слепи дека токму нивните прераскажувања на партиските пледоајеа се тоа! И дека само таму се крие вистината, што им дава право да се претставуваат како некакви прогресивни профети во државава. Заради што пак мора да бидат заштитени.
Па следствено, впрочем, кој е тогаш овде против слободната мисла? Оние кои за своите најчесто гнасни подметнувања бараат заштита од државата, или граѓаните кои се континуирано рафално од нив бомбардирани во јавниот медиумски простор, а немаат начин да искажат дека се навредени, дека мислат поинаку, дека не се согласуваат со секакви паушални квалификации и навреди итн.? И, да појаснам: на крај памет не ми паѓа да оправдувам закани кон новинарите од каков и да е вид, но, прво, како само едни исти „новинари“ добиваат такви закани? А второ: како јавниот простор може без заштита да биде загадуван од нивни апологетски ступидарии, а против едно сериозно мнозинство кое поддржува поинаква опција? И кое не сака да биде навредувано заради својот избор?
Кој и кога на оние слепци им го дал правото најпростачки да навредуваат други заради нивните политички погледи и избор? И дали тоа „право“ се однесува токму на онакви крајно хејтерски „опсервации“ на македонското секојдневие?
И во што, и зошто, таквите идиотски текстови се разликуваат од оние дефамации на социјалните мрежи, од оние наменски слухови за некаква загадена вода од Рашче, за сите оние нивни „анализи“ на трагедијата во Кочани, па сега во Гостивар, за оние плуканици по највисоките претставници на државната власт? И како никој од таа силна чета идеолошки душегрижници не најде за потребно да ја информира јавноста за сите лаги, манипулации и политички неартикулирани изјави на нивните газди, или политикантски пулени, како сакате, туку по цели денови се опсесивно-компулзивно преокупирани со власта?
Да, го знам потеницијалниот „одговор“, но тоа е само залажување, или – самозалажување! Тоа не е ни блиску до новинарство, уште подалеку е од аналитичко или истражувачко новинарство. А за колумнистичко новинарство би им требале барем уште два-три животи. Малку да пораснат, во умот, ако е тоа воопшто можно!
Теологот и критичар на културата Котско говори за сеништето на морничавост од ваквите типови залегнати низ медиумите односно јавната сцена и отровот што континуирано го продуцираат во етерот. И ја поставува дилемата: зошто ваквите типови, од кои во реалниот живот бегаме, во медиумите добиваат внимание?
Најновата мелодија што од нив сѐ почесто ја слушаме е бугарско-европскиот рефрен за „српскиот свет“. И тој одлично се вклопува во општата нивна морничавост, поддржувајќи го притоа и водечкиот вокал на „лидеро“ на сектана во распаѓање. „Лидеро“ кого да не беше „српскиот свет“ да му даде вакцини кога беше министер ќе го избркавме на клоци од државава. Сосе неговиот ментор! И истиот тој „свет“ без надокнада прифаќаше повредени од „Пулс“, испраќаше противпожарни возила итн. Сето тоа за морничавоста денес да достигне степен на отровна перверзија преку подметнувања дека, за разлика од хегемонистичкиот „српски свет“ кој сака да нѐ пороби, „Ние природно инклинираме кон Грција и кон Бугарија. Луѓето кај нас природно се врзани затоа што споделуваме заеднички обичаи, заедничка култура, заедничка храна, заеднички начин на живот“!
Фантастична социопатска „анализа“! Но, ова, се разбира, има свој историјат, свои причини и во минатото и во сегашноста, но за тоа во некоја следна прилика.
Извор: Теодосиевски уметност