ЗАПОЧНУВА ИСТОРИСКО СУДЕЊЕ НА МЕТА ВО САД Обвинета е дека преку Фејсбук и Инстаграм создавала зависност кај децата

На сослушувањето минатата недела, државниот обвинител рече дека бараат околу 200 милијарди долари отштета.

48

Компанијата Мета која е сопственик на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, се соочува со историска тужба дека создавала зависност кај децата. Судењето  започнува денеска во американската држава Калифорнија. Мета „категорично не се согласува“ со обвиненијата во судењето.

Тужбата ја поднесе коалиција од држави во 2023 година, а четирите држави  ќе ја претставуваат коалицијата на судењето.






Државните адвокати ќе се обидат да докажат дека Мета намерно ги направила Фејсбук и Инстаграм зависност кај децата, кршејќи ги државните и федералните закони, а за тоа ќе користа како сведоци експерти кои биле или се вработени во Мета.

Мета, која има над 3 милијарди корисници низ светот, се обиде во изминатите неколку дена да го спречи својот поранешен вработен и експерт Артуро Бехар да сведочи на судењето. Федералната судијка Ивон Гонзалез Роџерс го отфрли барањето на компанијата. Во својата одлука, таа го опиша барањето како очаен обид да се „одземе клучен сведок“ од обвинителите.

Бехар претходно сведочеше против компанијата, вклучително и на судењето во Ново Мексико, на кое Мета го изгуби случајот.

Според судскиот документ, се очекува адвокатите од Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси да го испрашуваат Бехар за практиките на Мета за безбедност и раст и дали компанијата погрешно ги претставила своите наоди на јавноста.

Мета вчера побара од судијата да го ограничи сведочењето на уште еден експерт, Колин Греј, кого државата планира да го испрашува за „темни шеми“ или карактеристики што компанијата ги користи за да ги манипулира корисниците за да донесува одлуки што ги претпочита.

Основачот и извршен директор на компанијата, Марк Закерберг, е еден од клучните сведоци за кои се очекува да сведочат.

На сослушувањето минатата недела, државниот обвинител рече дека бараат околу 200 милијарди долари отштета, а не казни во износ од над милијарда долари, како што тврдеше Мета во документите што ги достави до судот. Покрај финансиската компензација, државите бараат Мета да ги промени своите апликации.

Се очекува судењето да трае шест недели, а пресудата да биде изречена на почетокот на октомври.

Иако ова не е првата тужба против компанија за социјални медиуми за ефекти врз менталното здравје или проблеми со безбедноста, може да има најголеми последици досега.

Експертите го споредуваат судењето со спогодба стара три децении помеѓу десетици американски држави и најголемите американски тутунски компании од 1998 година која вклучуваше казни и промени во рекламирањето на производите.

Овие компании оттогаш платија над 176 милијарди долари, според Националното здружение на државни обвинители.

Поврзани содржини