АМЕРИКАНСКИ ТУРИСТ ЗАГИНА ОД ГРОМ НА ЕТНА Се качувал на вулканот, го фатило невреме
Пожарникарите и службите за итни случаи го пронашле 30-годишниот маж во состојба на срцев застој, а се наоѓал во ограничената зона која повремено се користи за пристап до врвот на вулканот.
Американски турист загина од удар од гром додека се искачуваше на планината Етна на Сицилија.
Мажот (30), чие име властите не го објавија, вчера бил на активниот вулкан кога почнале грмотевици, објавија италијанските медиуми.
Пожарникарите и службите за итни случаи го пронашле околу 20 часот по локално време во состојба на срцев застој. Се наоѓал во ограничена зона која повремено се користи за пристап до врвот на вулканот. Тој бил пренесен со хеликоптер во болницата Каницаро во Катанија, но бил прогласен за мртов по пристигнувањето.
Серија неодамнешни ерупции на најактивниот вулкан во Европа го нарушија воздушниот сообраќај во областа, но во исто време привлекоа голем број туристи. Властите го ограничуваат пристапот до сè поголем број области на Етна, вклучувајќи ги и повисоките делови од падините поради зголемената вулканска активност.
Италијанската цивилна заштита предупредува дека комбинацијата од вулканска активност и ненадејни временски промени на повисоките делови од планината може да создаде опасни услови.
Етна годишно привлекува околу 1,5 милион посетители.
