СТОЧАРИТЕ САМИ ДА НЕ НАБАВУВААТ ВАКЦИНИ ЗА ОВЦИТЕ И ЗА КОЗИТЕ Пристигнуваат 500.000 дози вакцина од Турција против овчите и козјите сипаници

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и АХВ велат дека состојбата постојано се следи, а сомнителните случаи лабораториски се испитуваат. Сточарите се предупредени да не набавуваат и да не користат вакцини на своја рака.

46

Половина милион дози вакцина против сипаници кај овците и козите треба да пристигнат од Турција како донација, најави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тие се очекува да пристигнат деновиве, а дополнителни количества се побарани и од Европската комисија.

Истовремено, минитерството предупредува сточарите сами да не набавуваат и да применуваат вакцини без одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство(АХВ).






„Секоја вакцинација на сопствен трошок на сточарот без одобрена вакцинација од страна на Агенцијата, соодветно ќе биде санкционирана и нема да се врши компензација на заболените животни, односно обештетување за одземените животни.“

Министерството предупредува дека неконтролираната вакцинација може да го отежне следењето на болеста. Таа може да ја намали и ефикасноста на мерките и да создаде дополнителен ризик за стадата.

„Поради тоа, вакцинирањето може да го вршат единствено овластени ветеринарни служби, според официјален план и под непосреден надзор на АХВ.“

Во врска со вакцините, побарана е и стручна помош од тимот ЕУВЕТ на Европската комисија.

„Пред примената, вакцините задолжително ќе бидат лабораториски испитани за безбедност и чистота, а вакцинирањето ќе започне по потврдувањето на резултатите, според официјален план и под контрола на АХВ.“

Министерството соопшти дека заедно АХВ презема засилени мерки против ширењето на болеста. Реакцијата следува и по апелот на Сојузот на одгледувачи на овци за итно постапување.

„Министерот Борче Серафимовски и директорот на АХВ Оливер Миланов се во постојана и непосредна координација, додека надлежните служби секојдневно ги анализираат податоците од засегнатите региони, ефектите од спроведените мерки и потребата од дополнително постапување.“

АХВ добива информации за појава на болеста преку ветеринарните друштва со кои има склучено договори. При сомнителен случај се земаат крв и брисеви за лабораториско испитување.

„По потврдување на болеста директорот на АХВ донесува решение за спроведување на контролни и заштитни мерки за справување со болеста, при што се пристапува кон евтаназија на животните и нивно закопување.“

АХВ во своето соопштение наведува дека постојано ја следи состојбата.

Поврзани содржини