МИРНО Е НА ХАЛКИДИКИ, НО ОПАСНОСТА НЕ ПОМИНА Ова се ризичните зони во Северна Грција и каде е забранет пристап во шумите

Не ги менувајте плановите за летување, но бидете внимателни и дисциплинирани.

130

Големиот пожар кај Сивири на Халкидики е ставен под контрола и веќе нема активен огнен фронт, но опасноста за полуостровот не помина. Грчката Цивилна заштита за денес, 15 август, го стави Халкидики во категорија 4 – многу висок ризик од пожари. Властите забранија движење на луѓе и возила во повеќе шумски подрачја. Забраната важи од 8 часот утрово до 8 часот в недела.

Пожарот што во четвртокот избувна кај Сивири зад себе остави околу 3.500 стреми, односно околу 350 хектари изгорена површина. Огнот зафати борова шума и ниска вегетација, а има штети и на куќи и автомобили. Во најтешкиот период на терен беа ангажирани 227 пожарникари со 57 возила, 13 пешадиски единици, шест противпожарни авиони и еден хеликоптер. Вчера веќе немаше единствен активен фронт, но пожарникарите продолжија да ги гаснат расфрланите жаришта.






Халкидики и Света Гора во портокаловата зона

Опасноста сега доаѓа од можноста за повторно разгорување на старите жаришта и избувнување нови пожари. Според официјалната карта на грчката Цивилна заштита, целиот Халкидики и Света Гора денес се во портокаловата зона, односно во четвртиот од пет степени на опасност. Ист степен на ризик во Северна Грција имаат Кавала, Тасос, Ксанти, Родопи и Еврос, вклучувајќи го и островот Самотраки.

На Касандра, првиот крак на Халкидики и најпосетуваниот од македонските туристи, забранет е пристапот до шумската Корифограми – гребенот што се протега од Касандрино до Агиа Параскеви. Забраната ги опфаќа и шумските подрачја Арапис и Халковуни кај Паљури, на крајниот југ на полуостровот.

На Ситонија, вториот крак, затворена е шумската зона на планинскиот гребен Драгундели, од Пчеларската задруга до Шикија. Тоа е голем шумски појас во внатрешноста на Ситонија. Забраната не значи дека туристите не смеат да одат во Никити, Неа Мармарас, Сарти или другите летувалишта, туку дека не смеат да влегуваат во определените шумски зони.

Ограничувања има и во општината Аристотелис, на источниот дел на Халкидики. Забраната ги опфаќа подрачјето од Комица до Уранополи, Цамија кај Стратоники, Фисока и зоната кај стрелиштето во Стратони. Дополнително е затворен и планинскиот масив Холомондас во општината Полигирос, вклучувајќи ги пошумените подрачја кај Враста и зоната на Универзитетската шума Таксиархис.

За непослушните глоба од 300 евра

Грчките власти предупредуваат дека забраната важи и за пешаци и за сите видови возила. На влезовите на шумските патишта се вршат контроли со помош на грчката полиција, а лицата што ќе бидат затекнати во затворените зони можат да бидат отстранети од подрачјето. Исклучок има за припадниците на доброволните организации ангажирани во противпожарната заштита.

За туристите што ќе решат да ја игнорираат забраната е предвидена и конкретна казна. Административната глоба изнесува 300 евра, според важечките грчки прописи. Регионалните власти посебно ги повикуваат и жителите и посетителите на Халкидики да не влегуваат во забранетите подрачја и да ги почитуваат упатствата на полицијата и Цивилната заштита.

Високиот ризик не е ограничен само на Халкидики. Во Северна Грција денес во категорија 4 се и регионалните единици Кавала и Тасос, како и Ксанти, Родопи и Еврос. Цивилната заштита ги стави надлежните служби во засилена готовност, бидејќи во вакви услови и мал извор на оган може брзо да предизвика шумски пожар.

За илјадниците македонски туристи кои го минуваат продолжениот летен викенд во Северна Грција, сепак, нема причина за промена на плановите за летување само поради овие мерки. Плажите, туристичките места и главните патишта на Халкидики не се опфатени со општата забрана. Ограничувањата се однесуваат на конкретно определени шумски и планински подрачја, а по пожарот кај Сивири службите остануваат во состојба на зголемена готовност.

Поврзани содржини