ШЕСТ ПОЖАРИ СЀ УШТЕ АКТИВНИ Огнот зафати шума, ниска вегетација и грмушки
Најсериозно е во Студеничани, Македонски Брод и Крушево, каде што пожарите зафатиле шумски површини.
Вкупно 27 пожари на отворен простор се регистрирани во Македонија во периодот од 14 до 15 август, до 7:30 часот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, шест пожари се активни, еден е ставен под контрола, а 20 се целосно изгаснати.
Најсериозна е состојбата во општина Студеничани, каде што пожарот се движи на релација Моране – Вртекица – Рамни Габер, при што гори мешана шума.
Пожар има и во општина Македонски Брод, на месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица. Таму гори ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.
Во општина Велес, активен е пожарот кај селото С’лп, каде што гори ниска вегетација и ретка дабова шума. Пожарот кај село Копанце во општина Јегуновце зафатил шума.
Во општина Крушево, активен е пожарот на потегот Борино – Житоше, каде што гори ниска вегетација, деградирана дабова и дабова шума.
Шесттиот активен пожар е во општина Сарај, кај селото Бојане, каде што гори ниска вегетација.
Пожарот на градската депонија во Делчево е ставен под контрола, но сè уште не е прогласен за целосно изгаснат.
Во текот на изминатото деноноќие се изгаснати пожари на повеќе локации низ земјата.
Во општина Могила пожарите во селата Лознани и Вашарејца се изгаснати. Во општина Новаци е изгаснат пожарот на потегот Маково – Црничани – Брник, додека во општина Битола е изгаснат пожарот кај Лопатица.
Во општина Прилеп се изгаснати пожарите кај Алинци и Тополчани. Во општина Струга се изгаснати пожарите кај Ташмаруништа и Делогожда, а во општина Кичево пожарот кај Зајас.
Изгаснат е и пожарот кај Сушево во општина Штип, како и пожарите во Новосељане во општина Куманово и во Младо Нагоричане, маало Тровојанци, во општина Старо Нагоричане.
Во Тетово е изгаснат пожарот на улицата Иво Лола Рибар, а во општина Чучер Сандево пожарот кај Мирковци.
Изгаснати се и пожарите кај Скачковце во општина Куманово, Визбегово кај кампот за мигранти во општина Шуто Оризари, Илинден во општина Арачиново, Копаница во општина Сарај, индустриската зона Бунарџик во општина Илинден, како и кај Троолово во општина Пробиштип.
Во општина Крушево, изгаснат е пожарот на потегот Алданци – Норово.
ЦУК продолжува да ја следи состојбата на теренот, особено на шесте локации каде што пожарите сè уште се активни.