СЕМЕЈСТВОТО ОТКРИВА НОВИ ДЕТАЛИ ЗА СОСТОЈБАТА НА ПЕРЕЗ ХИЛТОН Проблемите започнале со месеци пред драматичниот инцидент на блогерот

Сестрата на Перез Хилтон откри нови детали за неговата тешка психичка криза, претходната хоспитализација и борбата за закрепнување, додека семејството се грижи за неговите три деца.

72

Перез Хилтон, чие вистинско име е Марио Армандо Лавандеира Јуниор, и понатаму се опоравува во болница по тешката криза што ја доживеа на почетокот на август, кога се самоповредуваше во живо на Тик-ток, во неговиот дом во Мајами. По ова тој беше хоспитализиран и ставен под таканаречениот „Baker Act“, закон на Флорида кој овозможува лице во сериозна психичка криза да биде задржано за проценка и лекување.

Неговата сестра Барбара Лавандеира во интервју за Page Six откри дека случувањата од 4 август не биле изолиран настан. Според неа, нејзиниот брат со месеци се борел со сериозни физички и психички проблеми. Во март бил хоспитализиран поради сепса и други здравствени компликации, а по тој период, како што раскажува сестра му, неговото расположение и психичката состојба значително се влошиле. Таа вели дека семејството долго време се обидувало да му помогне и да го убеди да побара стручна помош.






Само неколку недели пред августовскиот инцидент, Хилтон самиот побарал помош и доброволно се пријавил во болница поради тешка депресија. Според неговата сестра, тогаш им признал неа и на мајка им дека се чувствува празно, безнадежно и како товар за своето семејство. Бил под психијатриски надзор, а по отпуштањето продолжил со терапија и планирал амбулантно лекување. Во еден момент, според Барбара, изгледало дека работите одат во подобра насока, но состојбата повторно почнала да му се влошува.

Новите информации особено ја погодија јавноста поради фактот што Хилтон е татко на три деца. Тој ги има синот Марио и ќерките Миа и Мајте, а неговата мајка Тересита Лавандеира сега побарала привремено старателство над нив. Според семејството, целта е децата да имаат стабилна и безбедна средина додека нивниот татко се лекува. Адвокатот на неговата мајка нагласил дека барањето е насочено кон заштита на децата, а не против нивниот татко.

Барбара во меѓувреме апелираше јавноста да има повеќе разбирање за нејзиниот брат. Таа признава дека Хилтон во минатото правел работи поради кои денес се кае, но вели дека во последните години искрено се обидувал да го промени својот живот. Таа истакна дека луѓето не треба да го осудуваат само врз основа на неговото минато и дека семејството сега е концентрирано на неговото закрепнување. Хилтон во моментов нема пристап до социјалните мрежи и комуникациските уреди, а пред него, според сестра му, има долг период на опоравување.

Перез Хилтон со години е едно од најпознатите имиња меѓу блогерите кои пишуваат за познатите. Роден е во Мајами во кубанско семејство, а до славата стигна преку својот блог за холивудските ѕвезди и беше познат по провокативниот стил и острите коментари.

 

Поврзани содржини