ФЕСТИВАЛОТ ГО ОТКРИ ПОСТЕРОТ „Ткајачи на филм“ ќе ја одбележат филмската есен во Битола
Постерот инспириран од првиот филмски кадар на Балканот ги обединува делото на Киро Урдин, фотографиите на Горан Тачевски и креативниот концепт на Вања Штркова.
„Ткајачи на филм“ е темата на постерот за годинашното, 47. издание на Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и се осврнува на првиот кадар снимен со филмска камера на Балканот од браќата Манаки. Авторка на визуелниот идентитет на годинашното издание на ИФФК е уметницата и графички дизајнер Вања Штркова, која е дел од тимот на маркетинг-агенцијата „Њу Момент“.
Во визуелното решение е инкорпорирано дело од светски познатиот уметник Киро Урдин и фотографии од Горан Тачевски, кој живее и работи во Прага и во 50-годишната кариера има соработувано со познати магазини, агенции и славни личности.
Според Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“, македонската кинематографија е родена од слика на жена која преде.
– Од Баба Деспина и првите кадри на браќата Манаки, па сè до денес, нашите филмски автори ткаат приказни што го чуваат нашето минато, но истовремено го отвораат погледот кон светот. Токму затоа, темата „Ткајачи на филм’“ не е само визуелен идентитет на годинашното издание, туку потсетување на една голема и богата традиција на раскажување. Особено е симболично што се доближуваме до 2027 година, кога ќе одбележиме 75 години од „Фросина“, првиот македонски долгометражен игран филм, чиј насловен лик исто така е ткајачка. Од првиот кадар до „Фросина“ и до современите филмски автори, нишката продолжува, а фестивалот „Браќа Манаки“ останува местото каде таа традиција се среќава со најзначајните „ткајачи на филм“ од целиот свет – вели Доксевски.
Авторката на плакатот, Вања Штркова, е илустраторка и графичка дизајнерка, чиј визуелен израз се препознава по силната употреба на боја, слободната креативна енергија и раскажувањето преку слика.
Според неа, секој креативен процес започнува со една нишка, со идеја што на почетокот, како што вели, можеби е одвај видлива, но постепено се поврзува со други слики, чувства и искуства.
– Како и во предењето и во ткаењето, потребни се ритам, трпение и интуиција за од поединечните нишки да се создаде целина. Токму во таа паралела го пронајдовме јадрото на визуелниот идентитет: авторите на филмот се ткајачи кои од светлина, движење и време создаваат приказни. Камерата е нивниот творечки инструмент. Таа не само што ја забележува реалноста, туку овозможува да биде преобликувана, почувствувана и раскажана на нов начин. Затоа во постерот камерата и роданот се „претопени“ еден во друг, односно се поврзани со иста нишка. Тоа е нишката на човечката потреба да создава и да раскажува – вели Штркова.
„Њу Момент“ во своето 33-годишно постоење има изработено дел од најпознатите постери за Скопскиот џез фестивал, Млад отворен театар и Охридско лето. Агенцијата во своето големо портфолио на награди има и Титаниумски и Сребрен лав од фестивалот на креативноста во Кан.
Фотографот Горан Тачевски, пак, има повеќе од 50 години професионално искуство во документарната, модната, портретната и комерцијалната фотографија. Во својата кариера соработувал со светски брендови, агенции, познати личности и изданија како „Vogue“, „Elle“, „Harper’s Bazaar“, „Le Monde“ и „The New York Times“, а неговата работа е наградувана на повеќе меѓународни фестивали.
„Тачевски е дел од визуелниот идентитет на ИФФК „Браќа Манаки“ преку својот фотографски приказ на Македонија, доловена низ неговиот објектив како простор на силни карактери, автентични моменти и приказни со филмска атмосфера“, информира ИФФК „Браќа Манаки“.
Четириесет и седмото фестивалско издание ќе се одржува од 19 до 25 септември во Битола, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија и со поддршка од Агенцијата за филм, Општина Битола и Кинотеката на Македонија.