ВОДАТА ВО ГОСТИВАР СЕ ДОБЛИЖУВА ДО ДОЗВОЛЕНИТЕ ПАРАМЕТРИ Се чека одлука за укинување на забраната за пиење

Микробиолошките анализи се поволни, а последните мерења покажуваат намалување на нивото на хлор. За укинување на забраната конечната одлука треба да ја донесе Централниот кризен штаб.

59

Квалитетот на водата од гостиварскиот водовод се подобрува и се доближува до параметрите потребни за безбедна употреба и пиење, информираат од Локалниот кризен штаб.

Оттаму посочуваат дека резултатите од микробиолошките анализи се поволни, а последните мерења покажуваат дека и нивото на хлор во водата се враќа во дозволените граници.






Координаторот на Локалниот кризен штаб и член на Централниот кризен штаб, Зуди Џелили, вели дека одлуката за евентуално повлекување на забраната за користење на водата за пиење треба да биде донесена по состанок на Централниот кризен штаб.

– Резултатите од микробиолошките анализи подолго време се добри, но проблем претставуваше зголеменото количество хлор во водата, кој се користеше за дезинфекција. Последните испитувања се прават токму за да се утврди количината на хлор. Се надеваме дека деновиве, можеби утре или задутре, ќе се состане Централниот кризен штаб и ќе ја информира јавноста дека водата во Гостивар дефинитивно е безбедна за пиење – изјави Џелили за МИА.

Тој потврди дека паралелно со контролата на квалитетот на водата, надлежните работат и на стабилизирање на водоснабдувањето во подрачјата каде што сè уште има низок притисок или недостиг на вода.

– Интензивно се работи на завршување на резервоарот во селото Горна Бањица, со што значително ќе се подобри водоснабдувањето во јужниот дел на општината, каде што се населбите Горна и Долна Бањица, Циглана и Фазанерија. Таму во текот на денот снабдувањето е ограничено – вели Џелили.

Проблеми со водоснабдувањето има и во селото Дебреше, каде што еден дел од селото има ограничено снабдување, а друг се соочува со недостиг на вода.

Состојбата во општина Гостивар се ублажува со снабдување со вода преку цистерни, додека на граѓаните им се дистрибуира и пакувана вода.

Денеска претпладне, стручни екипи земале примероци од водата од седум пункта низ градот, кои се испратени на дополнително испитување.

До официјалната одлука на надлежните институции за укинување на забраната, граѓаните треба да ги почитуваат актуелните мерки и да не ја користат водата за пиење.

Поврзани содржини